Рускиот претседател Владимир Путин денеска телефонски разговараше со својот американски колега Доналд Трамп и предложи прекин на огнот во Украина на 9 мај, кој Москва го одбележува како Ден на победата во Втората светска војна, изјави помошник на рускиот претседател.
Телефонскиот повик се одржал на иницијатива на руската страна, изјави за новинарите во Москва помошникот на рускиот претседател за надворешни работи Јуриј Ушаков.
Според него, Путин предложил прогласување прекин на огнот во Украина на 9 мај, Денот на победата во Втората светска војна, а Трамп ја поддржал идејата.
„Владимир Путин го информирал својот американски колега за својата подготвеност да прогласи примирје за периодот на прославите на Денот на победата“, рече Ушаков.
Претходниот јавно потврден телефонски повик меѓу рускиот и американскиот претседател се одржал на 9 март.
Повикот наводно траел речиси еден час и бил инициран од американската страна во тоа време. Разговорот првенствено се фокусирал на дискусија за ескалацијата на конфликтот околу Иран, а се осврна и на ситуацијата во врска со трилатералните преговори за решавање на украинскиот конфликт.
Што се однесува до војната во Иран Путин рече дека одлуката на Трамп да го продолжи режимот на прекин на огнот против Иран е „правилна“ и дека ќе им даде шанса на преговорите, помагајќи во стабилизирањето на ситуацијата,.
„Владимир Путин го привлече вниманието на неизбежните, исклучително штетни последици не само за Иран и неговите соседи, туку и за целата меѓународна заедница доколку САД и Израел прибегнат кон насилни дејствија. И, секако, опцијата за копнена операција во Иран изгледа целосно неприфатлива и опасна“, рече тој.










