Пристапот до дизел- горивото што ја придвижува глобалната економска активност- стана најновото геополитичко боиште среде две војни во ек, предизвикувајќи домино-ефект меѓу нациите и најсилно погодувајќи го Глобалниот Југ.
Цените на дизелот вртоглаво растат во поголемиот дел од светот. Дури и во САД, земја која што како најбогата во светот ја задржува способноста да ги субвенционира крајните потрошувачи, цената на дизелот е зголемена за 70 отсто од почетокот на нападот врз Иран на 28 февруари.
Но кризата со дизелот е далеку полоша на Глобалниот Југ, каде што на посиромашните земји им недостасуваат итни резерви или огромни парични средства за да ги заштитат потрошувачите од егзистенцијална закана по основните синџири на снабдување со храна, транспортот и критичната инфраструктура.
Некои земји, како Филипините, прогласија национална енергетска вонредна состојба, додека други, како Шри Ланка, воведоа ограничувања во снабдувањето со гориво. Во некои африкански земји цените на горивото пораснаа и до 150 отсто.
Во Пакистан, владата усвои механизам за дневна ревизија на цената на дизелот, кој сега е за 40 отсто поскап отколку на почетокот на војната на САД и Израел против Иран.
Аналитичарите истакнуваат дека, за разлика од претходните ценовни шокови предизвикани главно од ограничувањата во понудата на сурова нафта, сегашниот пораст на цените на дизелот делумно се должи на недостигот на капацитети во рафинериите.
Нападите со беспилотни летала и ракети од страна на Иран и неговите сојузници беа насочени кон големи постројки за преработка на сурова нафта во Кувајт, Саудиска Арабија, Катар и Бахреин.
Руските рафинерии исто така се најдоа на удар на серија напади од Украина, во она што се опишува како „енергетска војна“; руските рафинерии сега работат со 60 отсто од својот капацитет.
Цената на дизелот порасна повеќе од цената на бензинот- кој најчесто го користат патничките автомобили- поради две главни причини. Прво, залихите на дизел беа веќе поограничени од оние на бензинот, дури и пред почетокот на војната со Иран. И второ, рафинериите во земјите од Заливот кои беа цел на напади произведуваа повеќе дизел отколку бензин. Ниту една друга земја немаше слободни капацитети што можеа веднаш да се искористат за да се надомести загубата во производството.
Како резултат на тоа, милиони барели дизел од Блискиот Исток и Русија исчезнаа од глобалниот пазар.
За да се справи со недостигот, САД склучија договор со Русија за купување дизел, иако строгите санкции инаку ја ограничуваат способноста на Москва да продава енергенси ширум светот.
Одделно, американскиот претседател Доналд Трамп на 11 октомври објави „енергетско примирје“ меѓу Русија и Украина, иако украинскиот лидер Володимир Зеленски изјави дека сè уште чека да ги види деталите од договорот.
Се појавува национализам во однос на ресурсите
Аналитичарите велат дека глобалната криза со дизелот поттикнала бран на „национализам во однос на ресурсите“, при што водечките производители го ограничуваат снабдувањето, со што глобалните маржи на рафинирање (т.н. „crack spreads“) достигнуваат историски највисоки нивоа.

Минатиот месец, Москва ја продолжи строгата забрана за извоз на дизел во текот на летото и есента, наведувајќи дека испораките нема целосно да се обноват сè додека не се укинат западните санкции.
Слично на тоа, Пекинг привремено го запре извозот на гориво за да им даде приоритет на домашните залихи.
Пред да склучат договор за увоз на дизел со Русија, САД вршеа силен притисок врз европските сојузници да ги ослободат стратешките резерви или да се соочат со американска забрана за извоз на дизел, што предизвика глобална загриженост.
Барис Алпаслан, економист и главен советник во ИЦ Холдинг- турски конгломерат со дејности во производството и дистрибуцијата на енергија- прави разлика помеѓу суверенитетот над ресурсите и национализмот во однос на ресурсите.
„Мислам дека треба да направиме разлика помеѓу легитимното остварување на суверенитетот над ресурсите и пошироките последици од национализмот во однос на ресурсите“, вели тој за ТРТ Ворлд.
Заштитата на домашното снабдување е реална обврска, особено за време на голема криза, вели тој.
Но проблемот настанува кога многу земји го прават тоа истовремено.
„(Забраните за извоз) може да префрлат дел од економските трошоци од геополитичката криза врз земјите што имале мала или никаква улога во нејзиното предизвикување, особено врз посиромашните економии што увезуваат гориво во Африка, Азија и Латинска Америка“, вели Алпаслан.
Според него, повисоките цени на дизелот брзо се одразуваат врз трошоците за транспорт, цените на храната и општата инфлација.
„Фрустрацијата во Глобалниот Југ е разбирлива. Многу од овие земји немаат влијание врз формирањето на цените на глобалните пазари на енергија и имаат ограничен фискален капацитет да го заштитат своето население од надворешни ценовни шокови“, вели тој.
Крајниот резултат може да биде подлабок глобален недостиг, при што најсиромашните економии и оние што најмногу зависат од увоз честопати го поднесуваат несразмерно големиот дел од трошоците, вели тој.
Нови линии на конфликт
Јашар Сари, директор на Центарот за евроазиски студии Хајдар Алијев при Универзитетот Ибн Халдун, вели за ТРТ Ворлд дека пристапот до дизел веќе ги поттикнува земјите да „формираат сојузи околу снабдувањето со гориво, наместо околу идеологијата“.
Тој укажува на зависноста на Индија од увоз- повеќе од 80 проценти од нејзините потреби за сурова нафта- како и на предизвикот да се балансира надворешната дипломатија во преговорите во рамките на БРИКС, групација на економии во развој, главно од Глобалниот Југ.

Самитот на БРИКС во мај не резултираше со заедничка изјава и се осврна само на „различните ставови меѓу некои членки“ на блокот, во кој како полноправни членки влегуваат и Иран и Обединетите Арапски Емирати.
Отсуството на заедничка изјава укажува на тоа дека прашањата за енергетска безбедност ја нарушуваат регионалната кохезија, забележува тој.
Големите залихи на Кина, проценети на 1,49 милијарди барели и опишани главно како сурова нафта, сè уште му даваат на Пекинг можност да ги задржи производите дома, додава тој.
Европските земји ги поседуваат најголемите резерви на дизел за итни случаи, при што Франција и Германија заедно сочинуваат повеќе од една третина од стратешките резерви на ЕУ, вели тој.
Американските јавни резерви во најдобар случај обезбедуваат регионален тампон, а не глобална залиха, забележува тој.
Токму затоа САД вршат притисок врз Франција и Германија да ги искористат тие резерви, користејќи ги ограничувањата на извозот на американски дизел како средство за притисок пред американските среднорочни избори за Конгресот, планирани за првата недела од ноември.
Сари потсетува на арапското нафтено ембарго од 1973 година, кога производителите од Заливот го прекинаа снабдувањето на државите што го поддржуваа Израел.
Но тој ја истакнува разликата меѓу тогаш и сега: „Користењето на (горивото) како оружје помалку се однесува на тоа производителите да го задржуваат снабдувањето, а повеќе на тоа увозниците да прават залихи- станува збор за обратно ембарго во кое ранливите нации се борат да го обезбедат она што преостанало“, вели тој.
Според Алпаслан, пристапот до енергија сè повеќе станува извор на геополитичко влијание.
Владата на која ѝ недостига дизел за земјоделството, товарниот транспорт или производството на електрична енергија може да биде поотворена кон добавувач што може да понуди сигурна испорака или поволно финансирање, вели тој.
Тој изразува загриженост дека енергетската несигурност може да ги ограничи надворешнополитичките опции достапни за посиромашните земји. „Вистинскиот тест е дали пристапот до неопходното гориво ќе продолжи да се одредува првенствено од сигурни трговски и комерцијални фактори, или сè повеќе ќе станува инструмент за политички притисок“, вели тој.
Опстанок по војните
Сари вели дека Кина и Јужна Кореја можат да ги заштитат домашните пазари и да го ограничат извозот. Индонезија, Филипините, Бангладеш и Етиопија не можат.
„Пристапот до гориво не предизвикува јасна геополитичка поделба, но, ја забрзува фрагментацијата, при што стратегијата за опстанок на секоја земја е обликувана од нејзините резерви и платежната способност“, вели тој.
Колку долго може да се управува со оваа ситуација?
Сари вели дека просторот за справување со кризата без да се предизвика катастрофална штета на глобалната економија е тесен- веројатно се мери во недели, а не во месеци.
Дури и политичко решение не би довело до брзо враќање во нормала, забележува тој.
Тој ја опишува одлуката на Г7 да пушти во оптек 100 милиони барели нафта како потег што само купува време.
Ако двете војни завршат денес, воената премија на цената на нафтата ќе исчезне речиси веднаш, вели тој.
„Но за обновување на физичкото снабдување би биле потребни месеци или дури години, поради оштетените рафинерии, нарушениот поморски транспорт и структурните промени во трговските текови“, вели тој.
Извор: ТРТ Ворлд



















