Веројатноста за живот на месечините на Сатурн се зголеми откако научниците открија нови органски супстанции во водата што ја исфрлаат гејзерите на Енцелад, еден од сателитите на планетата, пишува Гардијан.
Научниците открија присуство на сложени молекули во водената пареа што би можеле да создадат услови за живот, објавува Гардијан.
Истражувачката вселенска мисија Касини, која заврши во 2017 година, откри дека на Енцелад, шестата најголема месечина на Сатурн, има гејзери што исфрлаат замрзнати честички вода.
Овој феномен подоцна беше снимен од телескопот Џејмс Веб, а висината на водената пареа од гејзерите достигнува до над 7.000 километри.
Научниците веруваат дека нивниот извор е океан од солена вода што се наоѓа под ледената површина на Енцелад.
Новите наоди, засновани на анализа на податоци од инструментот „Cosmic Dust Analyzer“, го потврдуваат постоењето на сложени органски молекули кои доаѓаат директно од океанот.
Истражувачите што ги анализираат податоците од мисијата Касини велат дека за прв пат откриле некои видови молекули во водената пареа, објавува британскиот весник.
Научникот од Слободниот универзитет во Берлин и главен автор на студијата, Нозаир Каваја, рече дека овие резултати покажуваат поголема сложеност на хемиските процеси што се одвиваат под површината на Енцелад.
„Кога откриваме хемиска комплексност, се зголемува и потенцијалот за живот. Таквата сложеност на процесите укажува на зголемен потенцијал за живот на Енцелад“, рече Каваја.
Според него, најновите наоди не покажуваат дека има живот на оваа сатурнова месечина, туку укажуваат на сложени процеси што би можеле да доведат до формирање на биолошки релевантни супстанции.
Иако откритието не докажува дека постои живот, експертите велат дека Енцелад сега ги има сите клучни елементи за негово формирање - течна вода, енергија и пребиотски молекули.
Како што истакна научникот, заклучоците од истражувањето ги поддржуваат плановите на Европската вселенска агенција ЕСА да истражи дали има живот на Енцелад.
Службеникот на ЕСА, Јерн Хелберт, рече дека нова мисија за истражување на Енцелад би можела да биде лансирана околу 2042 година и би вклучувала орбитер и лендер за потрага по директни знаци на живот.














