Бил Гејтс се повлече од ВИ Самитот поради сомнежите околу врските со Епстин

Ко-основачот на Мајкрософт го опиша како „неодговорно“ времето поминато со Епстин, кој беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе

By
Бил Гејтс се повлече од ВИ Самитот поради сомнежите околу врските со Епстин / Reuters

Бил Гејтс се повлече од самитот на вештачката интелигенција во Индија, неколку часа пред да одржи воведен говор, по обновената истрага за неговите минати врски со Џефри Епстин откако беа објавени нови документи од страна на Министерството за правда на САД.

„По внимателно разгледување и за да се осигури дека фокусот останува на клучните приоритети на Самитот на вештачката интелигенција, г-дин Гејтс нема да го одржи својот воведен говор“, се вели во соопштението на Фондацијата Гејтс.

Фондацијата соопшти дека на негово место ќе настапи Анкур Вора, претседател на канцеларијата за Африка и Индија и дека „останува целосно посветена“ на својата здравствена и развојна работа.

Одлуката доаѓа откако илјадници документи беа објавени според Законот за транспарентност на САД во досиејата на Епстин.

Ко-основачот на Мајкрософт го опиша како „неодговорно“ времето поминато со Епстин, кој беше пронајден мртов во затворска ќелија во Њујорк во 2019 година додека чекаше судење за обвиненија за трговија со луѓе.

Епстин се изјасни за виновен во Флорида во 2008 година и беше осуден за подведување малолетнички за проституција. Според правните критичари Епстин добил неверојатно ниска затворска казна бидејќи за истото дело мининалната казна била пет години затвор сугерирајќи дека во позадина бил постигнат некаков договор или дека имал заштита од повисоки инстанци.

70-годишниот Гејтс негираше какво било кривично дело и рече дека никогаш не го посетил приватниот остров на Епстин, каде што биле извршени дел наводните дела на злоупотреба на деца и трговија со луѓе.

„Факт е дека бев таму само на вечера. Никогаш не отидов на островот, никогаш не запознав жени“, рече Гејтс.

„Само ме потсетува дека за секоја минута што ја поминав со него, се каам и се извинувам што го направив тоа“, додаде тој.

Седумдневниот самит во Њу Делхи, отворен од индискиот премиер Нарендра Моди, собра претставници од повеќе од 100 земји и се промовира како прв голем глобален собир за вештачка интелигенција на Глобалниот Југ.

На собирот присуствуваа технолошки лидери како што се Сундар Пичаи, Сем Алтман и Дарио Амодеј, како и францускиот претседател Емануел Макрон, бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва и генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.