Суд во САД ги прогласи компаниите Мета и Јутјуб за одговорни за предизвикување зависност
Судот во лос Анџелес ги прогласи овие технолошки компании за одговорни и за тоа што не издале предупредување до корисниците, а поротата им додели на тужителите три милиони долари отштета
Поротата на судот во Лос Анџелес денес, по деветдневно разгледување, пресуди дека Мета и Јутјуб се одговорни за небрежност за намерно дизајнирање производи што предизвикуваат штетна зависност кај младите корисници.
Овие технолошки компании беа прогласени и за одговорни за тоа што не издале предупредување до корисниците, а поротата им додели на тужителите три милиони долари отштета, објавува Гардијан.
Оваа тужба беше прва од ваков вид поднесена поради наводната штета што социјалните медиуми им ја нанесуваат на младите луѓе.
За време на шестнеделното судење, кое се одржа во Вишиот суд во Лос Анџелес, поротниците ги сослушаа високите раководители на Мета и Јутјуб, информаторите, експертите за социјални медиуми и зависности, како и 20-годишната жена во центарот на тужбата, која ги користеше иницијалите КГМ за време на судската постапка.
Таа сведочеше дека станала зависна од Јутјуб на шестгодишна возраст и од Инстаграм на деветгодишна возраст, за што рече дека имало штетни ефекти врз нејзината благосостојба.
До 10-годишна возраст, таа станала депресивна и се самоповредувала, а нејзиното користење на социјалните медиуми наводно довела до затегнати односи со нејзиното семејство и неуспех во училиште.
Кога имала 13 години, нејзиниот терапевт ѝ дијагностицирал телесно дисморфично растројство и социјална фобија, што KГM го припишува на нејзиното користење на Инстаграм и Јутјуб.
„Како да натерате дете никогаш да не го испушти телефонот? Тоа се нарекува инженерство на зависност. Тие го измислиле, тие вградиле одредени функции во телефоните. Тие се тројански коњи: изгледаат прекрасно и сјајно, но ако ги поканите во вашиот свет, тие ја преземаат контролата“, рече Марк Ланиер, адвокат на KГM, за време на завршните зборови минатата недела.