ДР Конго регистрирала повеќе од 11.000 случаи на ебола во последните шест месеци, а речиси половина од заразените починале, објави германската новинска агенција дпа во петокот.
Вистинскиот број на жртви може да биде поголем бидејќи експертите предупредуваат дека вирусот можеби се ширел незабележано барем од февруари, неколку месеци пред официјалното објавување на епидемијата на 15 мај.
Еболата е тешка заразна болест предизвикана од група вируси кои можат брзо да предизвикаат губење на течности, воспалителни реакции, нарушувања на згрутчувањето на крвта и на крајот откажување на органите.
Колку подоцна се започне со третман на симптомите, толку е поголем ризикот од смрт, објави дпа.
Раните симптоми може да се помешаат со други болести како што е маларијата, што во некои случаи ја одложува изолацијата и третманот на пациентите.
Сегашната епидемија е особено тешко да се контролира бидејќи нема вакцина или специфичен лек одобрен за сојот наречен Бундибугио.
Еболата сега се прошири во осум провинции во земјата, како и надвор од границите на Конго. Случаи се пријавени и во Кенија, Нигерија и Уганда.
Децата се најтешко погодени, сочинуваат значителен дел од потврдените случаи, и имаат поголема веројатност да умрат, велат здравствените службеници.























