УНИЦЕФ: Заштитата на децата на интернет не оди во чекор со брзината на технолошките промени

Според Фондот за деца на Обединетите нации, зајакнувањето на безбедноста на децата на интернет бара појасни правила, поголема одговорност и ефикасни механизми за ефикасни механизми за надзор за да правата на децата бидат доследно почитувани во пракса

By
Според УНИЦЕФ, четири од 10 образовни системи кои користат ВИ немаат јавно достапни информации за практиките за заштита на податоците / Reuters

Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ) денес објави дека анализата на образовните системи што користат вештачка интелигенција во Европа и Централна Азија покажала дека заштитните механизми за децата честопати не одат во чекор со брзината на технолошките промени.

Во онлајн просторот, децата се соочуваат со насилство и вознемирување, сексуална експлоатација и злоупотреба, манипулативни маркетиншки практики, злоупотреба на лични податоци, како и изложеност на насилна и несоодветна содржина, а овие ризици сѐ повеќе се поврзани не само со социјалните мрежи, туку и со дигиталните системи што децата ги користат за учење, вклучително и оние базирани на вештачка интелигенција, чиј развој се одвива побрзо отколку што можат да се прилагодат законските рамки и постојните механизми за заштита.

Според УНИЦЕФ, речиси четири од 10 анализирани образовни системи немаат јавно достапни информации за практиките за заштита на податоците, што го отежнува проценувањето како се собираат, користат и складираат податоците на децата и укажува на празнини во транспарентноста и отчетноста, а слични предизвици се присутни и во пошироката онлајн средина што ја користат децата.

Онлајн платформите играат централна улога во дигиталниот живот на децата, но постојните правила честопати не обезбедуваат доволна заштита од ризици - нејасно дефинираните одговорности на платформите, ограничената транспарентност и слабото спроведување на прописите продолжуваат да ја намалуваат ефикасноста на заштитата.

Поради сето ова, според УНИЦЕФ, зајакнувањето на безбедноста на децата на интернет бара појасни правила, поголема одговорност и ефикасни механизми за надзор за да правата на децата бидат доследно почитувани во пракса.

Се додава дека подобрувањето на јавните политики и обезбедувањето поддршка на семејствата вклучува поддршка за подобрување на регулирањето на онлајн платформите во согласност со меѓународните стандарди и Конвенцијата на ОН за правата на детето.