Џеј Ди Венс: Критиката кон Израел не треба да се изедначува со антисемитизам
„Сметам дека е важно ваквите појави да се осудат кога ќе ги забележам“, додаде Венс, нагласувајќи дека во разговорите со млади конзервативци не забележува „некој прикриен антисемитизам што е во експанзија“
Потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, изјави дека критиката кон Израел не треба да се поистоветува со антисемитизам, нагласувајќи дека постои јасна разлика меѓу несогласување со одредени политики и омраза кон еврејскиот народ.
„Постои разлика меѓу тоа да не ви се допаѓа Израел или да не се согласувате со одредена израелска политика и антисемитизам“, напиша Венс.
Коментирајќи делови од текстот на списанието „Атлантик“ за порастот на антисемитизмот кај помладите генерации, Венс ја критикуваше медиумската покриеност, велејќи: „Мејнстрим новинарството е едноставно длабоко неинтересно и досадно, заробено во сопствените догми.“
„Да се пишува статија за ‘генерацискиот јаз’ во антисемитизмот без да се разгледа демографијата на различните генерации е навистина неверојатно“, додаде тој.
„Најзначајниот поединечен чекор за елиминирање на антисемитизмот и секој друг вид етничка омраза е поддршка на напорите за намалување на имиграцијата и промовирање на асимилацијата“, изјави Венс, додавајќи: „Но, овие момци нема да го сторат тоа, бидејќи на сите им недостасува љубопитност и интроспекција.“
Тој, исто така, сподели анализа цитирана од Чарлс Фејн Леман од Институтот „Менхетен“, во која се наведува дека „странското потекло е многу подобар показател за антисемитизам отколку идеологијата или возраста“.
Минатата недела Венс изјави дека не се согласува со дел од републиканците кои предупредуваат на пораст на антисемитизмот во рамки на партијата.
Во изјава за „Ен-би-си њуз“, тој рече дека „осудата на луѓето врз основа на бојата на кожата или непроменливи карактеристики е фундаментално антиамериканско и антихристијанско“.
„Сметам дека е важно ваквите појави да се осудат кога ќе ги забележам“, додаде Венс, нагласувајќи дека во разговорите со млади конзервативци не забележува „некој прикриен антисемитизам што е во експанзија“.
Неговите изјави доаѓаат по нападот во неделата за време на еврејска прослава на Ханука на плажата Бонди во Сиднеј, во кој загинаа 15 лица.