Убијците од плажата Бонди биле на Филипини еден месец пред масакрот
Се чини дека овој напад бил мотивиран од екстремистичката идеологија на терористичката група ДАЕШ, рече австралискиот премиер Ентони Албанезе за пукањето што се случи во неделата, опишувајќи го нападот како „пресметан и ладнокрвен“
Австралискиот премиер Ентони Албанезе изјави дека нападот на познатата плажа Бонди бил инспириран од екстремистичка идеологија поврзана со ДАЕШ.
„Се чини дека овој напад бил мотивиран од идеологијата на ДАЕШ. Таа идеологија на омраза е присутна повеќе од една деценија и во овој случај довело до подготвеност за извршување масовно убиство“ - рече премиерот за пукањето што се случи во неделата, опишувајќи го нападот како „пресметан и ладнокрвен“.
Австралиските власти велат дека двајцата напаѓачи, Саџид Акрам (50) и неговиот син Навид Акрам (24), дејствувале независно и не биле дел од организирана терористичка ќелија.
Како што објави австралискиот јавен сервис АБЦ, истражителите веруваат дека напаѓачите се заколнале на верност на ИСИС. Во нивниот автомобил биле пронајдени две знамиња на гореспоменатата терористичка организација и импровизирани експлозивни направи.
Полицијата истражува и зошто напаѓачите патувале на Филипините минатиот месец.
„Причините зошто отишле на Филипините, нивната цел и каде отишле додека биле таму моментално се истражуваат“, рекоа тие.
Властите во Манила потврдија во вторник дека двајцата влегле во Филипини,каде се задржале речиси цел месец, а Саџид Акрам влегол како „индиски државјанин“.
„Саџид Акрам (50), индиски државјанин, и Навид Акрам (24), австралиски државјанин, пристигнале на Филипините заедно на 1 ноември 2025 година од Сиднеј, Австралија“, изјави портпаролката на имиграцијата, Дана Сандовал.
„Двајцата го пријавиле Давао како нивна крајна дестинација. Тие ја напуштиле земјата на 28 ноември 2025 година, со лет за поврзување од Давао до Манила, со Сиднеј како нивна крајна дестинација.“
Саџид Акрам , беше убиен во престрелка со полицијата на местото на настанот, а Навид Акрам е во критична состојба во болница во Сиднеј. Постариот напаѓач се пресели во Австралија во 1998 година откако дошол со студентска виза. Неговиот син е роден во Австралија.
Навид Акрам, претходно бил во фокусот на австралиската разузнавачка агенција AСИO во 2019 година, откако полицијата спречи планиран напад на ДАЕШ. Тој наводно бил тесно поврзан со Исак Ел Матари, кој се прогласи за командант на ДАЕШ за Австралија и беше осуден на седум години затвор во 2021 година за терористички дела.
Најмалку 16 лица беа убиени во нападот во недела, вклучувајќи 15 жртви и еден од напаѓачите, а околу 40 други беа повредени, соопшти полицијата.