Могерини и Санино ослободени по испрашувањето во полиција
Тие заедно со ко-директорот на Колеџот на Европа, Чезаре Зегрети беа приведени поради наводниот скандал околу финансирањето на млади европски дипломати
Ректорката на Колеџот на Европа и поранешна еврокомесарка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, и директорот на Генералниот директорат на Европската комисија за Блискиот Исток, Северна Африка и Персискиот Залив, Стефано Санино беа ослободени синоќа откако беа испрашувани од федералната полиција на Западна Фландрија за наводниот скандал околу финансирањето на млади европски дипломати, објави Европското јавно обвинителство.
Ослободен беше и ко-директорот на Колеџот на Европа, Чезаре Зегрети.
Обвиненијата вклучуваат измама во јавните набавки, корупција, судир на интереси и кршење на професионалната тајна, но обвинителството процени дека во нивниот случај „нема ризик од бегство“, објави Анса.
Европското јавно обвинителство објави дека Могерини и Санино се приведени поради сомневања дека тендерската постапка од 2021 и 2022 година, поврзана со основањето на дипломатска академија на Колеџот на Европа, „не била фер“.
Могерини е ректор на Колеџот на Европа од 2020 година, а во 2022 година стана директорка на Дипломатската академија на ЕУ, проектот што е во центарот на истрагата.
Санино претходно беше генерален секретар на ЕЕАС, а моментално има висока позиција во Комисијата.
Претставниците на синдикатите на ЕУ предупредија дека, доколку се цитираат потврдите, штетата врз угледот на европските институции може да биде „катастрофална“.