Туркије во неделата ја одбележа 43-годишнината од основањето на Турската Република Северен Кипар (ТРСК), потврдувајќи ја својата поддршка за кипарските Турци, нивниот суверенитет и слобода.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган упати срдечни честитки до ТРСК по повод годишнината, оддавајќи им почит и на „нашите херојски маченици, со молитва за милост, и на нашите почитувани ветерани, со благодарност“.
„Им испраќам поздрави и најсрдечни желби на нашите браќа и сестри кипарски Турци, со кои ќе продолжиме да ја зајакнуваме нашата солидарност во сите области“, рече Ердоган.
Нарекувајќи го Кипар „национално прашање“ на Туркије, Ердоган вети дека Анкара никогаш нема да го напушти островот, под никакви околности.
Во соопштение објавено на турската социјална мрежа НСоцијал, турското Министерство за надворешни работи ја истакна ТРСК како симбол на борбата на кипарските Турци за суверенитет и опстанок.
Министерството соопшти дека ТРСК е доказ дека кипарските Турци, кои ги нарече неразделен дел од турскиот народ, никогаш не се откажале од својот суверенитет и слобода и дека никогаш нема да го сторат тоа.
Исто така, ја потврди поддршката на Туркије за кипарските Турци, наведувајќи дека тие ќе продолжат да живеат слободно и безбедно во својата татковина, под сопственото знаме, со силна поддршка од Туркије како нивна матична земја и земја-гарант.
Министерството им оддаде почит и на покојниот кипарско-турски лидер д-р Фазил Ќучук и на основачкиот претседател на ТРСК, Рауф Раиф Денкташ, изразувајќи благодарност за нивниот придонес во каузата на кипарските Турци.
Исто така, им оддаде почит на турските војници и кипарско-турските борци кои ги загубиле животите во текот на борбата, а изрази благодарност и до ветераните.
И Министерството за национална одбрана ѝ ја честиташе годишнината на ТРСК, ветувајќи дека ќе продолжи да биде покрај „нашите браќа и сестри кипарски Турци, како што беше во минатото, така и во иднина“.
Меѓу оние што ја одбележаа 43-годишнината од основањето на ТРСК беше и директорот за комуникации на Туркије, Бурханетин Дуран, кој ја потврди посветеноста на Туркије на заштитата на правата, суверената еднаквост и безбедноста на кипарските Турци под водство на Ердоган.
Во соопштение објавено на НСоцијал, Дуран им оддаде почит и на покојните државници на ТРСК, Денкташ и Ќучук, како и на оние кои ги загубиле животите во борбата на кипарските Турци за слобода.
ТРСК прогласи независност на 15 ноември 1983 година и е признаена како независна држава единствено од Туркије.






















