Претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан, донесе одлука за повторно отворање на пристапот до интернет, според иранскиот заменик-министер за комуникации за развој на дигиталната економија и информатичко-комуникациските технологии Ехсан Чицаз, пренесува Мехр.
Како што изјави Чицаз, Пезешкијан ја потпишал и ја проследил одлуката за деблокирање на интернетот во понеделник, оценувајќи дека тоа е важен чекор по, како што рече, долг и скап процес.
„Поминавме низ тешко и скапо патување, бидејќи веруваме дека интернетот е право на граѓаните кое мора да им се врати“, рече тој.
Тој истакна дека интернетот е клучен за модерната дигитална економија, нарекувајќи го „кислород на дигиталната економија, линија на надеж за младите луѓе и столб на јавната доверба“, со оценка дека ниедна земја не може да биде поврзана со иднината ако ѝ е одбиен пристапот до интернет.
Чицаз додаде дека Пезешкијан, првиот потпретседател и министерот за комуникации „отвориле прозорец кон стабилност, разумност и иднина“.
Според Мехр, се очекува дека, во согласност со одлуките на надлежните тела за управување со интернет просторот, во наредниот период би можело да има постепено враќање на пристапот до интернет за граѓаните на Иран.
Според интернет опсерваторијата НетБлокс, мнозинството ирански граѓани немале пристап до светската мрежа 87 дена, додека ограничен број корисници можеле да користат скапи и напредни ВПН услуги за да ги заобиколат блокадите.
Ројтерс потсетува дека властите во Техеран првично воведоа целосно исклучување на интернетот на 8 јануари за време на антивладините протести, по што пристапот постепено беше нормализиран во февруари, само за да биде воведена нова блокада на 28 февруари, по почетокот на американските и израелските напади врз Иран.












