Албанија: Прекината седница на Парламентот откако опозицијата ја блокираше говорницата

Спикерот на Собранието, Нико Пелеши, го прекина говорот на пратеникот Фламур Нока од Демократската партија бидејќи користел дискриминаторски јазик, предизвикувајќи тензии кај опозицијата

By
Пелеши нагласи дека пратеникот го зел зборот сосила и дека во уставна институција тоа не е можно / AA

Албанското Собрание ја прекина парламентарната седница откако опозицијата ја блокираше говорницата по тензиите меѓу пратениците.

Спикерот на Собранието, Нико Пелеши, го прекина говорот на пратеникот Фламур Нока од Демократската партија бидејќи, според Пелеши, користел дискриминаторски јазик, предизвикувајќи тензии кај опозицијата.

„Таканаречено мнозинство, лицето 009 се наоѓа во сите досиеја што ги има Велика Британија за трговија со дрога, кое се наоѓа во досиејата во Брисел за трговија со дрога. Ова покажува дека едноставно вие сте банда и сте ставиле гангстер на чело на групата“, изјави Нока.

Пелеши нагласи дека пратеникот го зел зборот сосила и дека во уставна институција тоа не е можно. Прекинувајќи го говорот на Нока, Пелеши го опомена и со дисциплинска мерка.

„Говор полн со уцени, дискриминација, навреди за кои добивте дисциплинска опомена во согласност со член 64 од Деловникот на Собранието на Република Албанија. Овде насилството не е дозволено. Ова е уставна институција и не може ништо да земете сосила“, рече Пелеши, а потоа ѝ даде збор на пратеничката Бора Мужаќи.

По овој момент опозицијата ја блокираше собраниската говорница, што доведе до прекин на парламентарната седница.