Мицкоски: Очекувам во текот на денот намалување на нафтата за 2,5 денари по литар
ОКТА на компаниите коишто соработуваат со нејзе, од денеска ќе им даде попуст, отприлика 45 до 50 долари по тон, што би значело намалување некаде околу 2,5 денари по литар, изјави македонскиот премиер
Намалување на цената на нафтата и нафтените деривати за околу 2,5 денари за литар, најави премиерот Христијан Мицкоски откако во понеделникот цената се зголеми за14,5 денари.
„Работевме заедно со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини изминативе денови со најголемиот, би рекол снабдувач, тоа е ОКТА. И добра вест за македонските граѓани е што ОКТА на компаниите коишто соработуваат со нејзе, од денеска ќе даде попуст, отприлика 45 до 50 долари по тон. Тоа би значело намалување некаде околу 2,5 денари по литар. А потоа разговарав и со голем дел од сопственици на бензинските пумпи, коишто рекоа дека тоа ќе го пренесат на крајните корисници. Бидејќи регулаторна ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, да веќе во текот на денот, за отприлика 2,5 денари по литар бидат намалени нафтата и нафтените деривати“, изјави премиерот.
Тој објасни дека тоа би значело дека литар дизел кај нас ќе биде 1,35 евра, а во Србија е веќе над 1, 80 евра, во Албанија е 1,80 евра и во Косово е околу 1,60 евра.
„Во Европа е веќе над 2 евра, некаде во земјите на Европската Унија е 2,2 евра дизелот. Така што тоа што го кажавме, тоа и го правиме. Дека македонските граѓани ќе користат најевтини нафта и нафтени деривати и покрај тоа што сме на неколку стотици километри од воени дејства, жестоки воени дејства. Но, со добра организација, со еден конструктивен дијалог успеваме тие, би рекол предизвици, да ги надминуваме“, рече Мицкоски.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на заедничката прес-конференција со главниот извршен директор на ОКТА, Димитрис Пасхос рече дека во услови кога цените на нафатата растат на светските пазари и светот се соочува со ценовен притисок, снабдувањето со гориво во Македонија е стабилно, а компаниите располагаат со обезбедени резерви.
„Дополнително, снабдувањето е зајакнато преку продуктоводот Вардакс, а Владата внимателно ја следи состојбата. Доколку глобалните ценовни притисоци продолжат, подготвени сме да ги искористиме сите механизми што ни стојат на располагање за да го заштитиме стандардот на граѓаните“, изјави Божиновска.