Бројот на загинати во масовниот руски воздушен напад врз Киев се зголеми на 11, објави денес украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко, додавајќи дека службите за итни случаи сè уште работат во погодените области.
Службите работат на спасување на луѓето од урнатините, а 17 лица веќе се спасени во округот Дарница, пренесува Укринформ.
Се сомнева дека има и исчезнати лица, како и 34 повредени.
Руските сили извршија масовен комбиниран воздушен напад врз Украина во текот на ноќта користејќи беспилотни летала и ракети лансирани од воздух, копно и море, соопшти Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Според украинската војска, главната цел на нападот бил Киев. Се нагласува дека особеноста на нападот била истовременото користење на разни видови средства за воздушен удар од повеќе насоки, вклучувајќи голем број балистички ракети и беспилотни летала.
Медиумите пишуваат дека ова е еден од најинтензивните напади врз главниот град од руската инвазија на Украина во 2022 година. Жителите нашле засолниште на станиците на метрото каде што ја поминале ноќта во шатори.
Украинските воздухопловни сили објавија дека за време на нападот биле регистрирани вкупно 570 непријателски цели, вклучувајќи 74 ракети и 496 беспилотни летала од различни типови.
Генералштабот објави дека до 9 часот наутро, украинската воздушна одбрана соборила или електронски блокирала вкупно 524 цели, вклучувајќи 48 ракети и 476 беспилотни летала.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно предупреди на можноста за ноќен напад и објави дека ја откажува посетата на Даблин, каде што требаше да присуствува на почетокот на шестмесечното претседателство на Ирска со Советот на Европската Унија.
Воздушна опасност е прогласена и во други делови од земјата, вклучувајќи ги Запорожје и Павлоград на југоисток и Суми и Харков на североисток.
Украинските власти изјавија дека руските сили повторно ги таргетирале станбените области и убиле цивили, додека руската страна тврдеше дека целите на нападот биле воено-индустриски и енергетски објекти, како и воен аеродром.








