| Macedonian
РЕГИОН
6 мин читање
ЕУСАИР: Регионалната соработка останува клучна за европската интеграција на Западен Балкан
„Со усвојувањето на скопската декларација земјите учеснички ја реафирмираа својата посветеност за посилна соработка, постепена интеграција и кредибилен процес на проширување, заснован на реформи и заеднички европски вредности.“
ЕУСАИР: Регионалната соработка останува клучна за европската интеграција на Западен Балкан
ЕУСАИР: Регионалната соработка останува клучна за зајакнување на стабилноста, отпорноста и европската интеграција на Западен Балкан / Other

Регионалната соработка останува стратешки инструмент за зајакнување на стабилноста, поврзаноста, отпорноста и европската интеграција на Западен Балкан - порачаа учесниците на 11. форум на Стратегијата на Европската Унија за Јадранско-јонскиот Регион (ЕУСАИР), што се одржа во Скопје. Како што беше истакнато на завршната прес-конференција, ова е одлично време да се зборува за влезот на Западен Балкан во ЕУ, за процес на пристапување со отворање, а во некои случаи и со затворање важни кластери, кои ќе може да докажат дека вистинската заложба на земјите од регионот има цел не само да продолжат да соработуваат со Е, туку и да станат нејзини полноправни членки.

Во рамките на форумот се одржа и министерскиот состанок на Јадранско-јонскиот совет/ЕУСАИР, на кој беше усвоена т.н. скопска декларација - политички документ, кој ги утврдува клучните приоритети за иднината на регионот: забрзување на проширувањето, интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, спроведување на ревидираниот акциски план, подобрување на макрорегионалната соработка, како и регионален развој - справување со демографските предизвици, задржување на младите и поттикнување на прекуграничната соработка.

„Дискусиите потврдија дека регионалната соработка останува стратешки инструмент за зајакнување на стабилноста, поврзаноста, отпорноста и европската интеграција на Западен Балкан.Како претседателство, Северна Македонија останува посветена на зајакнување на улогата на ЕУСАИР како значајна платформа за регионална соработка и европска конвергенција“, напомена првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали.

Според министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, македонското претседавање со ЕУСАИР завршува со испраќање порака дека регионалната соработка носи конкретни резултати, а европската иднина на регионот е достижна. Усвојувањето на скопската декларација, дополни, испраќа силен политички сигнал, ја потврдува политиката на проширување како геостратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот, истовремено нагласувајќи ја потребата од кредибилен пристапен процес, базиран на заслуги, придружен со суштински реформи и усогласување со највисоките европски стандарди.

„Со завршувањето на претседавањето, можеме со задоволство да констатираме дека ова беше година на конкретни резултати, не само на политички дијалог. Изминатата година, со мотото „За зајакнување на регионалното единство, унапредување на европската иднина“, нашето претседавање беше насочено кон продлабочување на регионалната соработка како двигател на европската интеграција. Посебен акцент ставивме на приближувањето помеѓу земјите членки на Европската Унија и партнерите кои сè уште се на патот кон членство, со силна поддршка од актуелните земји членки на Европската Унија“, потенцира Муцунски.

Во текот на претседавањето, додаде, беше постигнат и значителен напредок во унапредување на регионалната поврзаност преку иницијативи насочени кон надминување на инфраструктурните разлики.

„Се интензивира соработката во транспортот, енергетиката и дигиталната поврзаност, со цел создавање нови можности за граѓаните, но и за бизнисите во регионот. Паралелно, нашите заложби беа во насока на продолжување и продлабочување на активностите во рамките на стратегијата, со цел добивање поамбициозен и понапреден карактер, насочен кон дигитална трансформација, циркуларна економија и подготовка на регионот за идните предизвици. Особено внимание посветивме и на инклузивноста и управувањето на повеќе нивоа преку зајакнување на улогата на граѓанското општество, академската заедница, младите и локалните фактори, а особено преку натамошниот развој на Младинскиот совет на ЕУСАИР ја доближивме регионалната соработка до граѓаните“, рече Муцунски.

Тој оцени и дека во навистина сложен геополитички контекст, Јадранско-јонската иницијатива и Стратегијата уште еднаш ја потврдија својата вредност како платформи за политички дијалог, координација, но и платформи за градење доверба.

„Скопската декларација ја реафирмира нашата заедничка посветеност кон меѓународното право, европските вредности и заедничкиот одговор на регионалните, но и на глобалните предизвици. Претседавањето сега преминува кај Италија за периодот од 2026 до 2027 година. Уверени сме дека Италија ќе продолжи да ја зајакнува динамиката на соработка и дополнително ќе го зајакнува Јадранско-јонското партнерство. Ние како држава и како Влада остануваме целосно посветени на поддршката на овој процес и на заедничката европска иднина на регионот“, посочи Муцунски.

Министерот за европски политики и кохезија на Италија, Томасо Фоти, освен на регионалната соработка, стави акцент и на ЕУ-проширувањето. За скопската декларација истакна дека не е обичен документ што се потпишува на крајот од една средба, туку е насока за следната работа што Италија ќе ја продолжи, базирана на петте клучни столба.

„Ова се одлични времиња да зборуваме за влезот на Западен Балкан во ЕУ. Ние сметаме дека не треба да зборуваме само за претпристапни преговори, туку треба да почнеме да зборуваме за процес на пристапување со отворање, а во некои случаи и со затворање важни кластери, кои ќе може да докажат дека вистинската заложба на земјите од Западен Балкан има цел не само да продолжат да соработуваат со ЕУ туку и да станат нејзини полноправни членки. Тука не зборуваме само за тоа дека ЕУ треба да додаде дел од географски регион во своите граници. Западен Балкан е важен дел од Европа, од онаа Европа што сметаме дека треба да биде повторно обединета, Европа за која првпат по 1945 година сме сведоци на инвазија. Колку тоа и да не ни се допаѓа, Русија направи инвазија на дел од она што се европски вредности и ние сметаме дека тие треба повторно да се обединат“; истакна министерот.

Според него, пристапот на Западен Балкан кон ЕУ не е само пристапување на земји од економска природа, туку е и политичко, социјално и културно соединување на она што се вика европски идентитет. Италијанската стратегија, како следен претседавач со ЕУСАИР, ќе биде посветена на поддршка на раст и развој на овој макрорегион.

Тој на прес-конференцијата се осврна и на поврзувањето, дигитализацијата, инфарструктурата, демографијата, но и на малите и средните претпријатија, на кои, рече, треба да им се посвети поголемо внимание.

„Треба да ги поврземе најдобро што можеме земјите што сочинуваат важен дел од европската територија. Темата за демографија е заедничка и е многу актуелна. Зборуваме за силна емиграција од Западен Балкан кон други делови од ЕУ што можеби се должи на неможноста да се најдат најсоодветни задоволителни решенија на сопствената територија. Одлевањето мозоци ги засега сите европски земји и Италија исто така. Тоа  е феномен на кој треба да му дадеме соодветен одговор, одговор што ќе им одговара на сите, не да им забраниме на луѓето слободен избор, туку тој избор да не биде наметнат од некои општествени, економски или други ограничувања, туку да биде свесен избор“, укажа министерот.

 Хуго Собрал, заменик-генерален директор во Генералниот директорат за регионална и урбана политика на Европската комисија, изрази надеж дека италијанското претседателство ќе продолжи со зајакнување на заедничките перспективи на Западен Балкан и со градењето севкупна територијална кохезија во регионот.

Република Северна Македонија го презеде претседавањето со ЕУСАИР лани во мај од Грција, а следен претседавач е Италија.

ИЗВОР:TRT Balkan / агенции
Повеќе
Милановиќ одбива да го одобри новиот амбасадор на Израел поради политиката на израелската Влада
Сиљановска Давкова - Пирц Мусар: ЕУ останува наш приоритет со поддршка од Словенија на тој пат
Кос- Курти: Реформи и дијалог со Србија за почеток на преговорите на Косово за прием во ЕУ
Бројот на странски туристи до март годинава зголемен за 6,9 отсто
Скопје: Првата група аџии тргна кон светите места во Саудиска Арабија
Божиновска на Евроазискиот економски самит во Истанбул
Даниловски за хантавирусот: Во моментот нема индикации за сценарио слично на ковид-пандемијата
МНР му упати демарш на бугарскиот амбасадор поради употреба на терминот „северно-македонски“
Мицкоски на самитот на „Македонија 2025“: Поврзување на државата за поголем економски раст
Дејвид Гета во Скопје на 8 септември за 35 денари
Муцунски од Братислава: Потребна е засилена динамика на проширувањето на ЕУ
ТИКА обезбеди поддршка за жените земјоделци во Северна Македонија
Поучниот анимиран филм „Кликни безбедно“ достапен на Ју Тјуб на три јазици
Од полноќ пониски цени на дизелот и на Еуросупер БС-95
Мицкоски: Коридорите 8 и 10 наш најголем приоритет, неделава тендер за гасоводот со Србија
Кос: Во Европската Унија има место за сите држави од Западен Балкан
Новачани наместо Швајцарија – Фармата на Велче обезбедува егзистенција за целото семејство
Муцунски на средба со висока делегација на ЕУ: Остануваме кредибилен и конструктивен партнер
Гаши на регионална конференција: Демографските предизвици бараат долгорочни политики
Бугарија доби нова влада, Радев најави соработка со опозицијата