Советот НАТО-Украина одржа вонредна средба во седиштето на НАТО во Брисел, на која се разговараше за итните одбранбени потреби на Украина во пресрет на зимата.
Според соопштението на Мисијата на Украина во НАТО, со средбата претседавал генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, а на неа претставниците на сојузниците биле информирани од украинските претставници Серхиј Бојев, кој присуствувал лично, и Серхиј Собко, кој се придружил преку видеоповик.
„Од суштинско значење е целосно да се мобилизираат сите партнери, да се забрза донесувањето нови одлуки и претходно објавените обврски да се преточат во конкретни испораки на опрема или трансфери на финансиски средства“, се наведува во соопштението.
Мисијата истакна дека средбата била особено важна во пресрет на претстојната средба на Контакт-групата за одбрана на Украина, закажана за 17 ноември, под водство на Велика Британија и Германија.
„Токму сега беше вистински момент партнерите да добијат најнови информации за обемот и природата на руските закани, како и да бидат запознаени со потребите и приоритетните очекувања на Украина – како и за 'борба вечерва', така и за 'борба утре', односно за потребите на Украина за следната година“, се наведува во соопштението.




















