Собранието го изгласа Законот за прекршоци, од 1 февруари почнува примена на системот Безбеден град
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог
Собранието на Северна Македонија со 81 глас „за“ и 19 „против“ го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците.
Со ова, се отвора примената на системот „Безбеден град“, за автоматско снимање и санкционирање на сообраќајни прекршоци со почеток од 1 февруари.
Законот предвидува зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање.
Според надлежните, овој систем се очекува да влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.
Во првата фаза, системот ќе евидентира прекршоци како пречекорување на дозволената брзина, поминување на црвено светло, истечена важност на сообраќајната дозвола и неправилно паркирање.
Во наредната фаза е планирано проширување на опфатот на прекршоците.
Откако системот ќе биде целосно ставен во функција, сопствениците на возилата кај кои ќе биде утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање на записникот со платен налог.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на 20 јануари започнува со тестирање, калибрација и верификација на уредите за сообраќаен надзор во рамките на проектот „Безбеден град“.
Според Министерството, активностите ќе се реализираат до 31 јануари, секој ден во времето од 8 до 20 часот.
Системот во првата фаза ќе функционира само во Скопје, Тетово и Куманово, како и по коридорите 8 и 10. Во следниот период се очекува проширување на целата територија на државата.
Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и електронска пошта со линк за преземање записник со платен налог.
Прекршоците ќе може да се платат електронски, а ако плаќањето е во одреден рок, нема да се наплаќаат дополнителни трошоци.
За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.