Израелската армија дискретно, но брзо гради огромна бариера што одвојува повеќе од 50 проценти од територијата на Појасот Газа која ја контролира, од остатокот од окупираната палестинска енклава, покажуваат сателитските снимки што ги виделе медиумите.
Во последните месеци се изградени повеќе од 23 километри од бариерата, минувајќи низ градови претходно уништени од израелската војска, објавува „Тајмс оф Израел“.
Тоа е еквивалентно на повеќе од половина од должината на крајбрежната енклава, која е долга околу 40 километри и широка 11 километри, и е дом на над 2 милиони Палестинци.
Откако им беа презентирани сателитските снимки, Израелските одбранбени сили потврдија за медиумите дека изградиле физичка бариера во таканаречената зона на Жолтата линија, границата кон која израелските трупи се повлекле во согласност со договорот за прекин на огнот со Хамас.
Израелската армија вели дека станува збор за „воспоставување безбедносна зона“ опремена со разузнавачки и технолошки системи и одбива да даде детали за конечната рута на бариерата, велејќи дека целта е да се спречат упади и да се заштитат израелските трупи и населби во близина на окупираната палестинска енклава.
Ниту Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ), која е задолжена за следење на прекинот на огнот, ниту Одборот за мир, предводен од американскиот претседател Доналд Трамп, не сакаа да коментираат за изградбата на израелската бариера.
Изградбата на бариерата напредува брзо
Откако стапи на сила договорот за прекин на огнот, Палестинците во Газа се плашат дека Израел нема да ја врати областа на Газа што ја окупира. Но малкумина се чини дека се свесни за заштитните ѕидови што сега се градат околу нив поради опасноста дури и од приближување кон таа област.
Дел од мрежата на заштитни ѕидови во јужна Газа беше продолжен за повеќе од 2 километри за две недели овој месец, според сателитските снимки обезбедени од Планет Лабс ПБЦ (Planet Labs PBC).
Насипот бил долг околу 500 метри на 1 јули. До 15 јули е дограден до околу 2,4 километри, спојувајќи ги урнатините на градот Рафах контролирани од Израел со Муваси, местото со некои од најголемите палестински шаторски кампови.
Доколку изградбата продолжи во сегашната насока, таа ќе се спои со најдолгиот дел од бариерата, која се протега речиси непрекинато околу 17 километри од јужниот град Кан Јунис до близина на градот Газа, на север.
Изградбата на тој дел започна во февруари, а според сателитските снимки, се чини дека продолжуваат работите за негово проширување кон југ.
Помеѓу 21 јуни и 7 јули беше додаден повеќе од еден километар, кој се протега во близина на израелска воена база изградена врз урнатините на градот Бани Сухејла, во близина на Кан Јунис.
На крајниот север од Газа, неколку неповрзани делови од насипот се протегаат веднаш надвор од во голема мера срамнетиот град Беит Лахија.
Висината на насипите на секое место останува нејасна. На некои места, бариерите се чини дека се протегаат надвор од Жолтата линија.
Израел речиси целосно уништи и расели половина од Газа што ја контролира
Населението на Газа е пренатрупано во крајбрежната област западно од Жолтата линија, повеќето живеат во бедни шаторски кампови и зависат од помош.
Од другата страна на линијата, сателитските снимки покажуваат дека израелските сили го срамниле огромното мнозинство згради со помош на булдожери и експлозиви, практично бришејќи неколку градови и Рафах, некогаш дом на повеќе од четвртина милион луѓе.
Тие издлабија нови патни мрежи и изградија нови бази врз урнатините на палестинските градови. Земјоделско земјиште е исто така уништено.
Израелската војска вели дека ја урива инфраструктурата што ја користи Хамас. Сепак, меѓународната заедница тврди дека Израел го користи тоа како изговор за проширување на својата окупација.
Жолтата линија никогаш не била прецизно дефинирана, ниту во договорот за прекин на огнот ниту од израелски или американски претставници, и била недоследно обележана на теренот.
Израелските сили убиле Палестинци кои се приближиле до линијата или ја преминале.
Израелската војска вели дека пука врз оние за кои се верува дека се борци кои им се закануваат на нејзините трупи. Но меѓу убиените има деца и други цивили кои навидум не се свесни за линијата.
Израел убива Палестинци и покрај договорот за прекин на огнот
Израелските сили убија повеќе од 1.100 Палестинци од почетокот на прекинот на огнот, повеќето во воздушни напади врз Газа.
Според договорот за прекин на огнот, Израел на крајот треба да ги повлече своите трупи подалеку до самите рабови на Газа, за да бидат заменети со меѓународни безбедносни сили.
Носпроведувањето на договорот е во застој со месеци.
Израел уби повеќе од 73.000 Палестинци - претежно деца и жени - и рани над 120.000 во својата геноцидна војна.





















