Нов пожар избувна попладнево во областа Аспропиргос во близина на Атина, јавуваат грчките медиуми.
Катимерини објави дека 38 пожарникари со 14 возила се мобилизирани за гаснење на пожарот, кој гори релативно блиску до местото каде што претходно избувнал голем пожар, според грчкиот портал.
Во голем пожар што избувна порано денес во деловна зграда во Аспропиргос во близина на Атина, повредени се 11 лица, од кои тројца се потешко повредени и се интубирани, објавија грчките служби.
Според противпожарната служба, пожарот избувнал утрово околу 8 часот во фабриката за резервни делови, објавува Прототема.
Шест лица се пренесени во болницата, а двајца од нив се интубирани и се во тешка состојба, тројца се во полесна состојба и може да бидат отпуштени во текот на денот, а едно лице веќе ја напуштило болницата.
Останатите пет лица се префрлени во болницата во Атика, од кои едно е интубирано во сериозна состојба и се очекува да биде префрлено на одделението за изгореници, а четири лица сами дошле во болницата со респираторни проблеми.
Според извештаите, пожарот избувнал под непознати околности во фабриката за резервни делови и во неговото гаснење се вклучени 75 пожарникари, 20 возила и хеликоптери, а граѓаните се предупредени да не се приближуваат до местото поради токсични супстанции.
Според Противпожарната служба, според информациите, во просториите на компанијата има камион со резервоар за пропан, што предизвикува загриженост.
Тимот за истрага на пожарот во Западна Атика е испратен на местото на настанот за да утврди како започнал пожарот.






















