Сирија денес ги осуди израелските напади врз јужниот дел на земјата, наведувајќи дека упадите на нејзина територија и артилериското гранатирање во покраините Кунејтра и Дара го нарушуваат нејзиниот суверенитет.
Во официјалното соопштение на Министерството за надворешни работи се наведува дека во нападите биле „тероризирани цивилите“ и со нив се прекршуваат меѓународното право, Повелбата на ОН и Договорот за раздвојување од 1974 година.
Во соопштението се наведува дека континуираните „агресивни практики“ на Израел ги загрозуваат напорите за зацврстување на безбедноста и стабилноста, го зголемуваат страдањето на цивилите во подрачја каде биле извршени напади и ризикуваат натамошна ескалација во регионот.
Сирија ги повика ОН и меѓународната заедница да ги преземат своите одговорности и да спроведат мерки за запирање на постојаните прекршувања. Исто така, повика на почитување на Договорот за раздвојување, при што ќе се зачуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Сирија.
Реакцијата на Сирија следуваше откако израелската армија соопшти дека нејзините сили убиле две лица во Јужна Сирија, со образложение дека се движеле на „невообичаен“ начин во „безбедносната зона“ што Израел ја воспостави на сириска територија.
„По падот на режимот на Ал-Асад на 8 декември 2024 година Израел го прогласи Договорот за раздвојување од 1974 година за неважечки и воспостави тампон-зона на сириската страна од границата.“












