Авион што полетал од Израел изврши принудно слетување на аеродромот во Софија, откако била добиена закана преку електронска пошта, објави Бугарското национално радио (БНР), повикувајќи се на генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Љубомир Николов.
Првично, властите не открија за која авиокомпанија станува збор, ниту детали за летот, бројот на патници или точната рута на леталото.
Содржината на заканувачката електронска пошта не е јавно објавена.
Првично не беше јасно дали заканата се однесува на можна експлозивна направа.
Се очекува бугарските власти да дадат дополнителни детали во врска со инцидентот и преземените безбедносни мерки.
Во понеделникот, лет на „Виз ер“ (Wizz Air) од Лондон кон Софија беше пренасочен кон Будимпешта поради закана со бомба. При проверките не беше пронајдена експлозивна направа, по што авионот го продолжи летот кон Бугарија.
На 18 октомври, лет на „Остријан ерлајнс“ (Austrian Airlines) од Тел Авив кон Виена беше пренасочен кон Софија, исто така поради закана со бомба.
Бугарски борбени авиони „МиГ-29“ го придружуваа леталото, кое подоцна го продолжи летот кон Виена, откако безбедносните проверки покажаа дека нема никаква закана.























