| Macedonian
СПОРТ
5 мин читање
Чеферин: Туркије се има докажано како домаќин на најголемите фудбалски спектакли
Во Туркије фудбалот се живее секој ден, а не само кога има натпревари, тоа е вашата најголема сила, но воедно и огромна одговорност, изјави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин
Чеферин: Туркије се има докажано како домаќин на најголемите фудбалски спектакли
Очекувам турската репрезентација да биде таква со која никој нема да сака да си ги одмери силите, рече Чеферин / Reuters

Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, со серија пофалби истакна дека Туркије, преку организацијата на трите европски финалиња од 2019 година до денес, дефинитивно докажала дека има сè што е потребно за да биде домаќин на најголемите фудбалски спектакли.

Во ексклузивно интервју за Анадолу, Чеферин нагласи дека Туркије не треба да се гледа како нација во подем кога е во прашање фудбалот, туку како вистинска велесила.

„Кога ќе дојдете овде, ги гледате стадионите, клубовите, навивачите, огромното медиумско внимание, како и максималната посветеност на Владата и Федерацијата, сите потребни коцки се поклопени“, изјави тој.

„Но, пред сè, овде се чувствува онаа автентична фудбалска треска. Во Туркије фудбалот се живее секој ден, а не само кога има натпревари. Тоа е вашата најголема сила, но воедно и огромна одговорност.“

Чеферин упати пофални зборови и за односот со Фудбалската федерација на Туркије (ТФФ), опишувајќи ја соработката како професионална и конструктивна.

„Исклучително го почитувам вашиот претседател Ибрахим Хаџиосманоглу. Не само поради сериозноста и решителноста што ја покажа во решавањето на прашањата поврзани со интегритетот во турскиот фудбал, туку и поради искреноста и топлината со кои пристапува кон својата улога“, истакна Чеферин.

„Тој очигледно разбира дека транспарентноста и одговорноста се клучни за кредибилитетот на играта, а неговите напори помагаат да се врати довербата во целиот процес кај клубовите, играчите, судиите, но и кај самите навивачи.“

Вртоглавиот подем на Туркије како елитен фудбалски домаќин

На прашањето за тоа дали УЕФА е задоволна од организацијата на Суперкупот во 2019 година и големото финале во Лигата на шампионите во 2023 година, Чеферин одговори дека УЕФА не би се враќала одново и одново во Истанбул доколку нема целосна доверба во градот и во самата федерација.

„Суперкупот во 2019 година, финалето во Лигата на шампионите во 2023 година, а сега и финалето во Лигата на Европа во 2026 година на стадионот на Бешикташ, сите тие се жив доказ дека Туркије знае како да приреди вистински спектакл за најголемите настани на УЕФА“, вели тој.

„Транспортот, безбедноста, протокот на навивачи, како и самото пристигнување и заминување од стадионот се сегменти каде што сè уште можеме да го подобриме целосното искуство за фановите. Но, генералниот заклучок е дефинитивно позитивен.“

Тој го нарече Истанбул „еден од најголемите европски фудбалски градови“, додавајќи дека „секогаш е вистинско задоволство да се вратиш тука“.

ЕВРО 2032 и врвната инфраструктура на стадионите

Чеферин не штедеше комплименти ниту за стадионите во Туркије во пресрет на Европското првенство во 2032 година, кое земјата заеднички ќе го организира со Италија.

„Многу земји во Европа веќе 20 години само зборуваат за нови стадиони, а на крајот ништо не се случува“, дециден е тој.

„Туркије премина од зборови на дела и изгради извонредни објекти. Токму во тоа е големата разлика.“

„Вашата земја го препозна тоа навреме и стекна сериозна предност во однос на многу европски држави“, додаде првиот човек на УЕФА.

Чеферин напомена дека Туркије не требаше да чека цели 24 години за да се врати на светските првенства и дека очекува националниот тим да биде максимално мотивиран на претстојниот турнир во 2026 година.

„Сега задачата не е само да се учествува, туку да се покаже став на екипа која стопроцентно припаѓа таму. Бидете храбри и конкурентни“, порача тој.

„Очекувам да бидете репрезентација со која никој нема да сака да си ги одмери силите.“

Голем талентот на турските играчи од средниот ред

На прашањето кои турски фудбалери оставиле најсилен впечаток кај него, Чеферин го пофали високиот квалитет на средниот ред на националниот тим.

„Многу малку репрезентации во светот можат да се пофалат со толку талентиран среден ред каков што има Туркије“, истакна тој.

Арда Ѓулер и Кенан Јилдиз „се исклучително талентирани, тие се сегашноста и иднината на европскиот фудбал“, додаде тој, додека за Хакан Чалханоглу потенцираше дека „тој го носи потребниот авторитет и богатото искуство“.

Чеферин рече дека турските клубови треба да се стремат кон континуиран успех во Европа наспроти повремени достигнувања.

„Враќањето на Галатасарај на големата европска сцена е многу важен сигнал. Галатасарај покажа шампионски амбиции: ја освои четвртата по ред титула во Суперлигата и стигна до осминафиналето во Лигата на шампионите“, изјави тој.

„Турските клубови не смеат да се задоволуваат само со емотивни победи или со една голема ноќ. Тие мора да бидат меѓу главните протагонисти во натпреварувањата на УЕФА секоја година, вклучително и Лигата на шампионите.“

Првиот човек на УЕФА исто така упати пофални зборови за неодамнешните европски изведби на Галатасарај, Фенербахче, Бешикташ, Истанбул Башакшехир и Сиваспор.

Трпение и долгорочен план во турскиот фудбал

„Напредокот е очигледен, но следниот чекор е многу потежок: да се натпреварувате секоја година, без да се доживува тоа како чудо“, вели Чеферин.

Слабоста на турскиот фудбал, според Чеферин, лежи во нетрпеливоста, и тој нагласи дека премногу одлуки се носат со зовриени емоции и дека голем број клубови сè уште размислуваат краткорочно.

„Доколку Туркије сака да направи чекор напред, не е доволно само да се купуваат славни играчи или да се градат неверојатни стадиони“, заврши тој.

„Потребни ви се академии, тренерски кадар, судење, финансиска дисциплина и развој на женскиот фудбал. Инвестирањето во младите е секогаш најдобриот пат.“

Извор: АА

Повеќе
Керими: Чест и привилегија е да се учествува на UEFA Core курсот во Нион
САД сè уште не издале визи за фудбалерите на Иран за Светското првенство
Астон Вила и Фрајбург во финалето на ЛЕ, Кристал Палас и Рајо Ваљекано ќе се борат за трофејот во ЛК
Иран: САД мора да издадат визи на репрезентацијата за Светското првенство без политичко разгледување
Почина Владимир Цветковиќ, поранешен кошаркар и член на југословенската репрезентација
Навивачи на ПСЖ се судрија со полицијата во Париз по пласманот во финалето на Лигата на шампиони
ПСЖ и во Минхен ќе оди на победа против Баерн за финале на Лигата на шампиони
Арсенал и Атлетико во решавачки дуел за финалето во Лигата на шампиони
Одбојкарките на турски ВакифБанк по седми пат станаа европски шампионки
Завршена 61. велосипедска трка низ Туркије „ТУР 2026“
Почна мундијалското лудило: Колекционерите на сликички на Панини пред најголемиот предизвик досега
Арсенал против Атлетико во Мадрид во второто полуфинале од Лигата на шампионите
ФИФА ја укина препродажбата на билети за некои натпревари од Мундијалот
ПСЖ го пречекува Баерн во првото полуфинале во Лигата на шампиони
Големата награда на Туркије се враќа во Формула 1 од следната сезона
Уапсен поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини
Иран вели дека националниот фудбалски тим е целосно подготвен за учеството на Мундијалот во САД
ФИБА го вклучува Хидајет Туркоглу во Куќата на славните
Аналитичари: Фудбалерите се повеќе купуваат нисколигаши поради заработка и престиж
Омерагиќ: Поддршката од УЕФА и Чеферин е силен поттик за реформите и развојот на македонскиот фудбал