Стопанската комора на Северна Македонија бара посебен статус за превозниците и трајно решавање на проблемот со транспортерите.
Координаторот за меѓународна соработка во Стопанската комора, Даниел Матракоски, на прес-конференцијата изјави дека бараат изземање на професионалните возачи од шенгенските ограничувања што важат за туристите.
„Вкупно 77,5 отсто од нашиот извоз оди директно во ЕУ. Не е логично возачите што ја сервисираат европската индустрија да се третираат со исти 90-дневни шенгенски ограничувања како туристите“, вели Матракоски.
Стопанството алармира дека за бариерите за превозниците ќе се дискутира на претстојниот состанокот на министрите за економија од регионот, кој утре ќе се одржи во Цетиње.
„Тоа е значајна можност гласот на целото регионално стопанство, без никакви посредници, да биде директно разгледан од ресорните министри и високите претставници на Европската комисија“, додаде Матракоски.
Професионалните транспортери од Западен Балкан ги одложија до понатамошно известување најавените протести и блокади на граничните премини, кои требаше да започнат на 14 септември.
Одлуката е донесена поради напредокот во разговорите по средба со претставници на дел од државите членки на Шенген-зоната, одржана преку Мисијата на Европската Унија со седиште во Белград, особено во врска со роковите за издавање специјални визи за професионални возачи од Западен Балкан.
Претходно портпаролот на Европската комисија, Маркус Ламерт изјави дека во рамките на Шенгенските правила треба да се бараат прагматични решенија за проблемот на возачите на камиони од Западен Балкан кои се соочуваат со тешкотии по воведувањето на новиот европски систем за управување со границите- системот за влез/излез (EEС).






















