ЕУ го објави дваесеттиот пакет санкции против Русија
Новиот пакет санкции ги опфаќа енергетиката, финансиските услуги и трговијата, истакна Урсула дон дер Лајен
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера го објави 20-тиот пакет санкции против Русија, насочени кон енергетиката, финансиските услуги и трговијата.
„Комисијата предлага нов пакет санкции - 20-ти од почетокот на агресивната војна на Русија против Украина. Новиот пакет санкции ги опфаќа енергетиката, финансиските услуги и трговијата“, објави фон дер Лајен во писмена изјава.
Таа рече дека мерките воведуваат „целосна забрана за поморски услуги“ за руската сурова нафта, со цел дополнително намалување на приходите од енергија на Москва.
„Додаваме уште 43 бродови како дел од сивата флота - достигнувајќи вкупно 640. Исто така, ѝ отежнуваме на Русија да набави танкери што ќе се користат за сивата флота и додаваме сеопфатни забрани за обезбедување одржување и други услуги за танкери и мразокршачи на течен природен гас за понатамошно намалување на проектите за извоз на гас“, истакна фон дер Лајен.
Таа понатаму објави втор сет мерки насочени кон ограничување на банкарскиот систем на Русија и неговата способност да создава алтернативни канали за плаќање, вклучително и листање на 20 дополнителни регионални банки.
„Ќе преземеме мерки против крипто валутите, компаниите што тргуваат со нив и платформите што овозможуваат крипто трговија, за да затвориме пат за заобиколување. Исто така, таргетираме неколку банки во трети земји вклучени во олеснување на нелегалната трговија со санкционирана стока“, додаде фон дер Лајен.
Таа рече дека блокот, исто така, ги заострува ограничувањата за извоз кон Русија со нови забрани за стоки и услуги, вклучувајќи гума, трактори и услуги за сајбер безбедност.
Дополнително, комисијата ќе воведе нови забрани за увоз на метали, хемикалии и критични минерали кои сè уште не се под санкции, истакна таа.
„Воведуваме дополнителни ограничувања за извоз на предмети и технологии што се користат за напорите на Русија на бојното поле, како што се материјали што се користат за производство на експлозиви. Предлагаме квота за амонијак за да го ограничиме постојниот увоз“, додаде фон дер Лајен.
Таа нагласи дека ЕУ, исто така, за прв пат ќе ја активира алатката против заобиколување со забрана за извоз на компјутерски машини за нумеричка контрола и радио уреди во јурисдикции „каде што постои висок ризик овие производи повторно да се извезат во Русија“.
„Конечно, предлагаме посилни правни заштитни мерки за компаниите од ЕУ за да ги заштитиме од кршење на нивните права на интелектуална сопственост или од неправедна експропријација во Русија поради злоупотребувачки судски одлуки во врска со санкциите“, додаде фон дер Лајен.
Таа ги повика земјите-членки „брзо“ да ги одобрат новите санкции, за да „испратат моќен сигнал пред мрачната четврта годишнина од оваа војна“.