Израелската армија денес соопшти дека во напад врз северниот дел на Појасот Газа го ликвидирала Мухамед Авда, посочувајќи дека тој бил избран за нов командант на военото крило на палестинското движење Хамас.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Израел Кац вчера, исто така, рекоа дека во воздушен напад врз градот Газа израелската армијата целела кон Авда.
Овие тврдења дојдоа по жестокото израелско бомбардирање врз густо населена област во централниот дел на градот Газа во пресрет на муслиманскиот празник Курбан бајрам, при што, според медицински извори, убиена е една Палестинка, а неколку лица се повредени.
Ниту Хамас ниту неговото воено крило, Бригадите Ал-Касам, досега не ги коментираа овие наводи на Израел.
Ваквите наводи на Израел доаѓаат во период на сè почести предупредувања од израелските аналитичари и опозицијата дека Нетанјаху би можел да предизвика дополнителна ескалација во Газа.
Според нив, цел е да освои политички поени пред изборите, со оглед на можноста за распуштање на Кнесетот и одржување предвремени избори.
Од октомври 2023 година, во двегодишната брутална израелска офанзива, се убиени повеќе од 72.000 Палестинци, над 172.000 се повредени, а 90 отсто од цивилната инфраструктура се уништени, пред да биде прогласен прекин на огнот минатиот октомври.






