Вучиќ: Србија ќе продолжи со продажба на оружје на Израел
Србија развива „дигитална армија“, набавени се системите „Хермес“ и „СкајСтрајкер“, како и уште опрема што не е прикажана, изјави претседателот на државата.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во саботата изјави дека Србија ќе продолжи со продажба на оружје на Израел, нагласувајќи дека двете земји имаат „одлична соработка“ во областа на одбраната.
Коментирајќи ги критиките од дел од опозициските медиуми дека Србија е „фабрика за вооружување на Израел“, Вучиќ рече дека не сака дополнително да ги коментира таквите наводи.
„Наши пријатели се и Израелците и Арапите и тоа нема да го коментирам“, изјави Вучиќ пред новинарите за време на посетата на селото Мраморац, кај Смедеревска Паланка.
Тој истакна дека меѓу Србија и Израел постои заемна воена соработка.
„Тие нам ни продаваат оружје, ние ним им продаваме оружје и тоа ќе продолжи“, рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија работи на модернизација на својата војска и на развој, како што наведе, на „дигитална армија“.
„Ќе имаме најмодерна војска бидејќи суштината е во технологијата што ја гледате на современите боишта. Гледате како еден ‘Старлинк’ создава или не создава проблем на ниво на Украина. Она што ние ќе го направиме ќе биде поинакво од сè што досега сте виделе“, изјави Вучиќ.
Претседателот на Србија потсети дека за Војската на Србија е набавена воена опрема, вклучително и системите „Хермес“ и „СкајСтрајкер“, додавајќи дека дел од новата опрема сè уште не е претставен пред јавноста.
„Нешто видовте, нешто не видовте“, рече тој.
На прашањето дали новата опрема ќе биде прикажана на воена парада, Вучиќ рече дека парада не е планирана, но дека е можно да се организира посебна презентација на воената опрема.
Тој додаде дека авионите што ги користи Војската на Србија можат да достигнат висина од 12 километри за помалку од две и пол минути.
Вучиќ неодамна ја потврди и информацијата за поседување хиперсонични ракети, што предизвика полемики во регионот, особено во соседна Хрватска.