Колку издвојуваат за капитални инвестиции земјите од регионот од своите буџети?
Важноста на капиталните инвестиции се огледа во фактот дека тие креираат подобри услуги за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата. Но колку изнесуваат износите за капитални инвестиции кои од буџетите ги издвојуваат земјите од регионот?
Капиталните расходи или капитални инвестиции, се расходите на буџетските корисници наменети за трајни јавни добра како патишта, училишта, болници, водоводи, студентски домови, спортски објекти, апарати за здравството, опрема хардвер, софтвер итн. Нивната реализација е важна бидејќи креираат подобри услуги за граѓаните и придонесуваат за развој на економијата.
Вака дефинирани, капиталните инвестиции и теоретски и практично имаат важна улога во националните економии и претставуваат вистински двигател на економијата. Секако, при анализа на капиталните инвестиции освен предвидените износи на хартија, многу важен фактор е и прагот на реализацијата на планираните инвестиции од ваков карактер.
Но колку изнесуваат износите за капитални инвестиции кои од буџетите ги издвојуваат земјите од регионот?
Високи издвојувања на хартија, низок праг на реалзација
На почетокот на ноември минатата година, македонската Влада го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, а во декемри Собранието го изгласа предложениот буџет кој тежи околу 6 милијарди евра. Владата најави „високо ниво на капиталните инвестиции“, односно 30,5 милијарди денари или околу 660 милиони евра, што претставува околу 10 отсто од усвоениот буџет.
Во однос на реализацијата на капиталните инвестиции, важно да се напомене е дека според официјалните податоци, во 2025 година, прагот на реализација на инвестициите изнесувал околу 45 отсто.
Најважни инфраструктурни инвестиции
Во тој контекст, експертите во јавноста излегуваа со ставот дека ниската стапка на реализација на капиталните инвестиции се должи на бројни системските аномалии, несоодветно планирање, но и бариери од административно-технички карактер.
Доколку се погледне Програмата за економски реформи (ПЕР) може да се утврди дека меѓу најважните инфраструктурни инвестиции за периодот 2025-2027 се Железничкиот коридор 8, довршување на делниците Куманово – Бељаковце – Крива Паланка до границата со Бугарија, проектот за заеднички железнички граничен премин Табановце со Србија, гасификацијата преку изградба на делници Скопје-Тетово, Гостивар-Кичево и Свети Николе-Велес, како и интерконекции со Грција, Косово и Србија. Секако, тука се и инвестициите во обновливи извори на енергија, како ветропаркот „Богданци“ и фотоволтаичните централи во Осломеј и Битола, потоа проектот за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, како и регионалните системи за управување со цврст отпад ширум земјата.
Соседна Србија за 2026 година има државен буџет околу 2.414,7 милијарди динари, околу 20,6 милијарди евра, што е за 2,9 отсто повеќе во однос на износот на приходот предвидено со оригиналниот буџет за оваа година.
Вкупните расходи и издатоци од буџетот планирани се во износ од 2.751,7 милијарди динари (23,5 милијарди евра), па фискалниот дефицит од буџетот ќе биде 337 милијарди динари или околу 2,9 милијарди евра, односно три отсто од бруто-домашниот производ.
Според официјалните податоци и објавата на српскиот министер за финансии Синиша Мали, споделена на социјалните мрежи, за капитални инвестиции од буџетот за 2026 година ќе бидат издвоени 737,4 милијарди динари или 20,5 милијарди евра, што е 30,5 отсто од вкупниот буџет предвиден за оваа година.
Кои се главните капитални проекти?
Министерот Мали прецизираше дека капиталните инвестиции изнесуваат 6,7 отсто од вкупниот БДП, додека во 2010, 2011, 2012 година износот бил 2, 2,5-3 отсто од БДП на земјата.
Мали нагласи дека од почетокот на 2025 година во Србија се отворени 57,3 километри нови патишта, додека од 2013 до сега се изградени 608,7 километри патишта. Тој најави дека до крајот на годината ќе бидат отворени 40,5 километри, што значи дека, како што додаде, само оваа година ќе бидат пуштени речиси 100 километри нови патишта.
Како што истакна, тоа е доказ дека вложувањата продолжуваат и покрај тоа што светската криза уште трае, како и дека се работи на железничката инфраструктура, односно дека по завршувањето на брзата пруга од Белград до Суботица, приротитет ќе биде и понатамошната обнова и изградба на пругата на делниците Белград-Ниш, Ниш - граница со Северна Македнија, потоа пругата до границата со Бугарија, како и вложувања во енергетиката.
Албанија вложува во патната инфраструктура
Албанија од државниот буџет за оваа година за капитални инвестиции издвојува околу 21 отсто или 1,8 милијарди евра (179,6 милијарди лека) од вкупните 8,8 милијарди евра.
Според достапните податоци, 53 милиони евра ќе бидат наменети за плаќање на договори за изградба на патишта со концесии.
Во однос на директните инвестиции од буџетот, најголемиот дел оди за патот Елбасан-Леќај, кој ќе добие околу 45 милиони евра. Вториот проект со најголемо финансирање е проширувањето на патот Елбасан-Кафе Тане, кој ќе добие над 30 милиони евра.Кашар-Вакар добива 20 милиони евра, исто колку и проширувањето на автопатот Тирана-Драч.
Милијарда евра за капитални инвестиции во Косово
Владата на Косово кон крајот на октомври минатата година го усвои Нацрт буџетот за 2026 година во вредност од рекордни четири милијарди евра, и покрај неизвесноста околу тоа дали Собранието ќе разгледува негово усвојување, објавија тогаш медиумите.
Косовскиот премиер Албин Курти, рече дека новиот буџет предвидува околу милијарда евра капитални инвестиции.
Собранието на Црна Гора на 27 декември минатата година го усвои буџетот за 2026 година, проектиран на 3,78 милијарди евра, од кои 305 милиони евра се издвојуваат за капитални инвестиции или околу 8 проценти од вкупниот буџет.
Капиталниот буџет за оваа година во износ од 305 милиони евра претставува 25 милиони повеќе во однос на претходната година и опфаќа 396 проекти во вкупна вредност од 9,7 милијарди евра, објави државната црногорска телевизија РТЦГ.
Како што претходно е соопштено од Владата на Црна Гора, во согласност со планот Црна Гора до 2028 година да ги затвори сите преговарачки поглавја, буцетот за 2026 година ги препознава стратешките приоритети, јакнење на владеење на правото, унапредување на деловниот амбиент, намалување на даночното оптеретување и силна борба против сивата економија, со полн фокус на подикнување на стандардите на граѓаните.
Во БиХ уште не е усвоен буџетот на државно ниво
Според достапните податоци, капиталните инвестиции оваа година ќе изнесуваат околу 322 милиони евра, сметајќи ги буџетските издвојувања за оваа намена на ентитетите Федерација Босна и Херцеговина (ФБиХ) и Република Српска (РС), како и Дистриктот Брчко. Буџетот на ФБиХ изнесува 4,55 милијарди евра, а за капиталните инвестиции е предвиден износ од 241 милион евра или 5,3 отсто од вкупниот буџет на федерацијата. Буџетот на РС за оваа година изнесува 3,79 милијарди евра, додека за капиталните вложувања ќе бидат издвоени 75 милиони евра или 2 отсто од буџетот на овој ентитет. Собранието на Дистриктот Брчко за 2026 година усвои буџет тежок 391.910.357,64 конвертибилни марки или околу 200 милиони евра.
Колку за напомена, буџетот на државно ниво во Босна и Херцеговина за 2026 година, се уште не е усвоен во Собранието на оваа земја.