Репрезентациите на Шпанија, Португалија и Швајцарија обезбедија пласман во осминафиналето на Светското првенство откако во натпреварите од вчерашната и денешната програма на Мундијалот славеа против селекциите на Австрија, Хрватска и Алжир.
Фуријата фуриозно
Шпанската фудбалска репрезентација на убедлив начин се пласираше во осминафиналето на Светското првенство. Во првата нокаут фаза, „Црвената фурија“ со 3:0 славеше над Австрија.
Во текот на целиот меч Шпанците доминираа на теренот и на крајот повеќе од заслужено стигнаа до лесен триумф. Микел Ојарзабал со погодок во 36 минута донесе радост за 1:0 по првото полувреме, но кое голманот на Австрија спасуваше во неколку ситуации за разликата да не биде поголема.
Шпанците продолжија во ист стил и во вториот дел, а Австриците одолеваа се до 66 минута. Тогаш, по една долга акција, баена нафрли, а Педро Поро со глава погоди за 2:0.
Точка на мечот стави Ојарзабал со својот втор погодок, а трет за Шпанија, во 89 минута.
Најдраматичниот натпревар на Мундијалот
Репрезентацијата на Португалија се пласираше во осминафиналето на Светското првенство откако со 2:1 славеше над Хрватска, во највозбудливиот меч кој досега се одигра на овој турнир.
По првото полувреме немаше погодоци, а на почетокот на вториот дел, односно во 53 минута Хрватска со голот на Иван Перишиќ поведе со 1:0.
Португалија мораше да тргне многу поофанзивно, па во 61 минута Роналдо даде гол кој беше поништен поради офсајд. Капитенот на Португалија сепак израмни и тоа со погодок од пенал во 68 минута.
Ова беше прв гол за Роналдо постигнат во нокаутфазата, дури на неговиот шести Мундијал.
Кулминацијата на драмата се случи во судиското надополнување. По нафрлувањето на Леао, Рамос со глава го совлада Ливаковиќ за водство на Португалија од 2:1. Хрватска тргна со сите сили и буквално во последниот напад, во 90+13 минута даде гол преку Јошко Гвардиол, но потоа се вклучио ВАР системот и одлучи дека имало офсајд.
При нафрлувањето топката го погоди Португалецот Веига и стигна до Пашалиќ, кој додаде до Гвардиол, а овој погоди за 2:2. Сепак, при нафрлувањето, топката прво ја допрел Игор Матановиќ, па така се активирала офсајд позицијата на Пашалиќ.
Интересно е дека допирот на Матановиќ со голо око не се забележува, но контактот го регистрирал сензорот кој е вграден во топката. Токму поради тој минимален контакт, погодокот на Хрватска за 2:2 беше поништен, па Португалија се најде во осминафиналето на турнирот.
На крајот, Португалија се радуваше на место во осминафиналето каде ќе игра против соседот Шпанија.
Селекцијата на Швајцарија се пласираше во осминафиналето на Светското првенство откако без многу проблеми со 2:0 го победи Алжир. Уште во 10. минута Швајцарија стигна до водство благодарение на погодокот на Емболо.
Статистички, Алжир имаше поголем посед на топка, но Швајцарците беа многу поконкретни. Европската селекција создаде повеќе шанси, додека Алжир упати само два шута кои одеа во рамките на голот на противникот и едноставно не можеше да парира.
Сите дилеми околу победникот беа решени на почетокот од второто полувреме. Буквално во првиот напад, односно по само 46 секунди игра во вториот дел, Дан Ндоје погоди за 2:0.
Швајцарија сега го чека следниот противник, а тоа ќе биде подобриот од дуелот меѓу Колумбија и Гана.




















