Косово пред избор на нов претседател или парламентарни избори
Денес е последен ден кога пратениците на Собранието на Косово со мнозинство гласови треба да му дадат поддршка на еден кандидат за претседател
Лидерите на парламентарните политички партии во Косово сè уште не постигнале политички консензус за тоа кој треба да биде кандидат за претседател што треба да ужива поддршка од две третини од пратениците на Собранието.
И покрај обидите направени преку средбите на лидерот на Движењето Самоопределување (ВВ), истовремено премиер на земјата, Албин Курти, со одржување пет рунди преговори со лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК), Бедри Хамза и со лидерот на Демократската лига на Косово (ЛДК), Лумир Абдиџику, тие не дадоа резултат.
Денес е последен ден кога пратениците на Собранието на Косово со мнозинство гласови треба да му дадат поддршка на еден кандидат за претседател или, во спротивно, земјата се очекува да оди на нови парламентарни избори, иако последните избори се одржаа на 28 декември 2025 година.
Во вторник, на 3 март, Курти ја одржа третата средба со лидерот на ЛДК, Абдиџику, опишувајќи ја средбата како конструктивна, но без да даде конкретни детали, ветувајќи известување наредните денови. По оваа средба ЛДК ја собра парламентарната група и потврди два става: или консензусен претседател со широка политичка поддршка или класичен коалициски договор помеѓу ВВ и ЛДК.
Меѓутоа, лидерот на ПДК, Хамза, ја затвори вратата за натамошни средби со Курти. По нивната втора средба, Хамза изјави дека последната понуда на ПДК е таа партија да го предложи кандидатот за претседател, под услов тој да добие поддршка од парламентарното мнозинство.
Мандатот на претседателката Вјоса Османи завршува на 4 април 2026 година и, според Уставот, ако Собранието не успее да избере претседател 30 дена пред истекот на мандатот, земјата оди на нови избори.
За изборот на претседател се потребни 80 гласа во една од двете први рунди или 61 глас во третата рунда, од вкупно 120 пратеници. За да се предложи кандидат потребни се најмалку 30 потписи. ВВ има 57 пратеници, а ниедна друга партија сама нема 30 гласа.
Што се однесува до опциите за нов претседател, покрај Вјоса Османи, која се споменуваше за уште еден мандат на чело на државата, премиерот Курти како погодна фигура го спомена и Мурат Јашари, син на Рифат Јашари и член на семејството на командантот Адем Јашари, но Мурат Јашари изјави дека нема амбиции за оваа функција.
Од друга страна, Османи изрази интерес за втор мандат, но нејзиното име во последните недели не е споменато како кандидатура од ВВ, додека опозицијата ја критикува Османи за пристрасност во корист на Владата на Курти.
Како алтернатива, Курти остави отворена можност секоја партија да предложи свој кандидат и процесот да се одвива преку натпревар во Собранието.
Ако во рамките на уставните рокови не се постигне избор на претседател, Собранието се распушта и земјата оди на предвремени парламентарни избори, иако Косово во 2025 година двапати одржа парламентарни избори и еднаш локални избори.
Според извори од медиумите во Косово, Курти ќе одржи средби и денес, кога се очекува да се свика седница на која ќе се обиде да се гласа за еден кандидат за претседател на земјата.
Во случај да не се постигне избор на претседател, пратениците ќе може да се обратат до Уставниот суд за толкување на ситуацијата, додека функцијата на Вјоса Османи по 4 април може да ја извршува претседателката на Собранието, Албулена Хаџиу, не подолго од шест месеци.