Дел од Кримскиот мост, кој го поврзува Крим со Русија, се урна по украинскиот ракетен напад меѓу понеделник и вторник. Операцијата траела неколку недели и имала седум фази, а користени се 11 видови оружја, откри украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Еден од лаковите на мостот и патот помеѓу двата носачи се целосно уништени.
Кримскиот мост е изграден по руската окупација на Крим во 2014 година, за што Русија потрошила 3,6 милијарди долари. Патниот дел од мостот беше отворен во 2018 година, додека патничкиот железнички сообраќај започна во 2019 година. Тој е цел на украински напади од почетокот на војната.
Зеленски им се заблагодари на Безбедносната служба на Украина (СБУ), украинските вооружени сили, военото раководство и производителите на оружје на социјалната мрежа X за она што го опиша како невидена операција спроведена како одговор на руските напади врз украинската инфраструктура.
„Денес, секој може да ги види последиците за главната воена транспортна врска помеѓу руската територија и нашиот украински Крим. Ова е резултат на седмата фаза од операцијата, која беше спроведена во текот на неколку недели и беше развиена и координирана од Безбедносната служба на Украина и Генералштабот на вооружените сили на Украина“, рече Зеленски.
„Нашите сили систематски уништуваа системи за воздушна одбрана, радари, средства за електронско војување и други цели на патот кон конечната цел. Денес, во критична фаза од операцијата, беспилотните летала Палијаниција го погодија дел од мостот за патнички сообраќај, додека ракетите Нептун, заедно со беспилотните летала Рута и ФП-5, го погодија железничкиот дел. Користејќи го системот „Фламинго“, нашите сили извршија прецизен напад“, објави Зеленски.
Сергеј Аксјонов, шефот на Крим назначен од Москва, потврди дека украинските сили го нападнале мостот и дека сообраќајот по 19 километри долгиот мост е запрен. Руското Министерство за транспорт, исто така, потврди дека и патниот и железничкиот сообраќај се запрени.
„Експертите во моментов ја проценуваат штетата. Според прелиминарните информации, нема жртви“, објавија тие на Телеграм.
Кремљ објави дека ќе се одржи комисија за справување со последиците од нападот на Кримскиот мост и дека руските власти започнале истрага за „терористичкиот напад“.
Украинскиот експерт за воена авијација, Андри Харук, изјави за Киев Индепендент дека верува оти реконструкцијата на овој дел од мостот ќе трае не само месеци, туку една година или дури и подолго.
„Урнатиот мост е исклучително тежок. Ако не се лажам, тежи околу шест илјади тони. Беше составен на брегот во близина на Керч неколку месеци, а потоа транспортиран и инсталиран. Не може да се состави над отворена вода, што значи дека ќе бидат потребни тешки машини и градежни работи на копно. Конструкцијата е долга неколку десетици метри, па затоа не може ниту да се замени со некакво привремено импровизирано решение“, објаснува Харук.
Руските воени сили, пак, претхоно ноќта погодија два стратешки моста преку реката Днипар во Киев, потврди градоначалникот Виталиј Кличко, додека бран моќни експлозии го потресоа украинскиот главен град.
„Според прелиминарните информации, имало удари на Северниот и Јужниот мост во главниот град“, напиша Кличко на Телеграм.






















