Лабораториите постојат за да ги проучуваат најопасните микроби во светот, а постојат и строги правила за биолошка безбедност за да се спречи нивното ширење надвор од лабораторијата.
Сепак, искуството покажува дека правилата не се секогаш ефективни.
Прегледот на извештаите од 2000 до 2024 година идентификувал 712 случаи на инфекции кај луѓе стекнати во лабораторија и 17 смртни случаи.
Еве пет инциденти што покажуваат како може да дојде до пропуст во мерките за изолација.
Микробиолог од Калифорнија починал по менингококна инфекција
Дваесет и петгодишен микробиолог од Калифорнија, кој работел со менингококни бактерии, се заразил и починал во 2012 година.
Американските Центри за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) соопштија дека истражителите утврдиле неколку прекршувања на правилата за биолошка безбедност.
Овој случај покажа дека дури и обучени научници, кои ракуваат со бактеријата Неисериа менингитидис (Neisseria meningitidis) -попозната како менингокок- во рутински услови, можат да го загубат животот кога ќе потфрлат безбедносните процедури. Тоа останува сериозен потсетник дека инфекциите стекнати во лабораторија не се ризик поврзан само со егзотични патогени што привлекуваат големо внимание во јавноста.
И обичните бактерии можат да бидат исто толку опасни кога ќе дојде до пропуст во протоколите.
Десетици изложени поради пропусти на ЦДЦ со антракс и Х5Н1
Десетици вработени во ЦДЦ во Атланта биле потенцијално изложени на ризик во 2014 година, откако антраксот не бил соодветно ставен во неактивна сстојба.
Во посебен случај, материјал контаминиран со вирусот на птичји грип Х5Н1 бил по грешка испратен во друга лабораторија. Од ЦДЦ изјавија дека немало случаи на заболување или смрт.
Овие инциденти се значајни бидејќи агенцијата помага во утврдувањето на стандардите за биолошка безбедност за лабораториите низ САД.
Тие покажуваат дека и ситуациите во кои за малку е избегната катастрофа- а не само смртните случаи-можат да ги откријат слабостите дури и кај институциите со најдобри ресурси и да покренат прашања за надзорот.
Француски техничар починал од прионска болест по убод со игла
Истражувачки техничар во Франција починал во 2019 година од варијантата на болеста Кројцфелд-Јакоб (vCJD)- смртоносно нарушување на мозокот предизвикано од приони.
Француските власти соопштија дека инфекцијата можеби настанала како последица на несреќен случај во лабораторијата во 2010 година, при што лицето се боцнало со игла.
Оваа процена ја направи Министерството за земјоделство. Поминала речиси една деценија помеѓу изложеноста и смртниот исход.
Прионите не се ниту бактерии, ниту вируси, а стандардните методи за стерилизација тешко ги уништуваат, што ја прави заштитата од случајна изложеност особено тешка.
Истекување од фабрика во Ланџжу зарази повеќе од 10.000 луѓе
Несоодветно дезинфицирани отпадни гасови од фабрика за вакцини во Ланжу, Кина, испуштиле аеросолизирани бактерии од родот Бруцела во текот на 2019 и 2020 година.
Според објавените истражувања, на крајот биле пријавени повеќе од 10.000 случаи на зараза.
Тоа го прави еден од најголемите документирани случаи на случајно испуштање патогени. Бруцела предизвикува бруцелоза- болест што вообичаено се пренесува од животни на луѓе и може да предизвика долготрајна треска и болки во зглобовите.
За разлика од другите наведени случаи, овој ја зафати пошироката заедница, а не само вработените.
Смртта на руска лаборатантка поврзана со чума останува недокажана
Дваесет и осумгодишна вработена во Институт за борба против чума во Иркутск, Русија, почина во октомври 2026 година од тешка пневмонија.
Според Ројтерс, извештаите укажувале на лабораториска несреќа поврзана со чума.
Сепак, надлежните органи соопштија дека испитувањата не утврдиле лабораториска поврзаност или инфекција со чума.
Во одговор на барањата од Светската здравствена организација (СЗО), националната агенција за јавно здравје Роспотребнадзор изјави дека, во согласност со Меѓународниот здравствен правилник, ѝ доставила на СЗО целосни и сеопфатни информации за преземените мерки, потврдувајќи дека нема ризици за јавното здравје.
„Извештаите за вториот случај во Иркутск се лажни. Во одговор на лажните информации што кружат на социјалните мрежи за втор случај на болеста кај луѓе кои биле во контакт со вработен во Иркутскиот институт против чума, кај кого претходно била дијагностицирана пневмонија стекната во заедницата, Роспотребнадзор изјавува дека овие информации се лажни„.
Светската здравствена организација го потврди приемот на овие информации и утврди дека во моментов нема ризик од вонредна состојба во јавното здравје поврзана со ситуацијата во Иркутск.
Причината останува неутврдена, па затоа случајот е предмет на отворена истрага, а не на потврдено истекување на патоген.
Ова покажува колку брзо шпекулациите можат да ги пополнат празнините кога информациите за лабораториски инциденти се ограничени.
Лабораториските несреќи се ретки, но горенаведените случаи покажуваат дека последиците можат да бидат сериозни кога тие ќе се случат.
ЦДЦ, француските власти и објавените истражувања укажуваат на истата поука: биолошката безбедност зависи од строги процедури и транспарентна истрага.
Како што покажува случајот во Иркутск, неодговорените прашања можат да поттикнат шпекулации, па затоа јасното и навремено известување е исто толку важно колку и спречувањето на ширењето на патогенот.
Извор: ТРТ Ворлд




















