Трамп размислувал да си го додели Конгресниот медал на честа за посета на Ирак во 2018
Решив да одам во Ирак. Бев исклучително храбар. Толку храбар што сакав да си го доделам Конгресниот медал на честа, рече престедателот на САД
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека размислувал самиот на себе да си го додели Конгресниот медал на честа за посетата на американските трупи во Ирак во декември 2018 година, опишувајќи го патувањето како чин на храброст.
Зборувајќи во државата Џорџија, Трамп се потсети на својата ненадејна посета на воздухопловната база Ал Асад во покраината Анбар.
„Решив да одам во Ирак. Бев исклучително храбар. Толку храбар што сакав да си го доделам Конгресниот медал на честа. Ги прашав моите луѓе: „Може ли да си го доделам Конгресниот медал на честа? “, рече Трамп.
Тој призна дека наградата им е доделена на „толку многу луѓе кои се навистина храбри“, истакнувајќи дека многу од добитниците претрпеле тешки повреди во борба.
„И реков, би било малку претерано да си го доделам. Тоа е едно од оние нешта што еден ден ќе ги пробам. Ќе го тестирам законот. Знаете, се забавувам“, додаде тој.
Медалот на честа е опишан како „најпрестижната воена награда на нацијата“ и се доделува на припадници на вооружените сили на САД кои се одликувале со „дела на храброст во борба“, според Конгресното здружение на медали на честа.
Само 3.528 од околу 40 милиони Американци кои служеле во војската ја добиле наградата, а моментално има 61 жив добитник.
Трамп неодамна изјави дека заслужува Нобелова награда за мир во 2025 година за решавање на „седум тековни војни“.