Фон дер Лајен: Враќањето кон руските извори на енергија би било стратешка грешка

Фон дер Лајен рече дека Европската Унија подготвува опции за намалување на цените на енергијата, вклучително и подобра употреба на договорите за купување енергија, мерки за државна помош и субвенции или ограничувања на цените на гасот

By
Изборот да ја диверзифицираме енергијата кон домашни обновливи извори и нуклеарна енергија се исплатеше, рече дер Лајен / Reuters

Европа би направила стратешка грешка ако се обиде да го ублажи порастот на цените на енергијата со враќање кон руските фосилни горива, изјави денес претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

„Во сегашната криза, некои тврдат дека треба да ја напуштиме нашата долгорочна стратегија, па дури и да се вратиме на руските фосилни горива. Ова би била стратешка грешка“, рече Фон дер Лајен во обраќањето пред Европскиот парламент, пренесува Ројтерс.

Фон дер Лајен рече дека Европската Унија подготвува опции за намалување на цените на енергијата, вклучително и подобра употреба на договорите за купување енергија, мерки за државна помош и субвенции или ограничувања на цените на гасот.

Таа со тоа го пренесе ставот на Европската комисија за најавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој рече дека е подготвен да укине дел од санкциите кон Русија со цел да се намалат цените на нафтата.

Цената на нафтата завчера надмина 100 долари за барел поради војната во Иран и блокадата на стратешкиот Ормускиот теснец, што доведе до проблеми во снабдувањето од земјите од Персискиот Залив.

„Нашиот избор да ја диверзифицираме нашата енергија кон домашни обновливи извори на енергија и нуклеарна енергија се исплатеше. Но не сме имуни на ценовни шокови. Домаќинствата и компаниите денес се соочуваат со притисок. Затоа треба да помогнеме сега. Треба сеопфатно да разгледаме како можеме да ги намалиме сметките за енергија на луѓето“, рече фон дер Лајен во објава на платформата X.

Таа изјави дека „може да се земат во предвид четири компоненти на цената: цената на самата енергија, мрежните трошоци, даноците и надоместоците и трошоците за јаглерод“.