Го удвоивме буџетот за наука за краток период, воспоставивме нова стратешка рамка и ја модернизиравме истражувачката инфраструктура, а сега фокусот е насочен кон поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи, истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Таа учествуваше на министерскиот состанок на Управувачката платформа за истражување и иновации за Западен Балкан, што во организација на Европската комисија се одржува во Брисел.
„Направивме многу за да ја раздвижиме научно- истражувачката дејност на национално ниво. Главно постигнување е тоа што од индивидуални иновациски иницијативи, направивме добро организиран национален иновациски екосистем. За краток период двојно го зголемивме буџетот за наука, воспоставивме нова стратешка рамка и подготвивме нови законски решенија, а ја модернизиравме и националната истражувачка инфраструктура. Сега сме ориентирани кон поврзување со регионалните и глобалните истражувачки мрежи“, нагласи Јаневска.
Министерката посочи дека институционално се зајакнува поддршката за иновациите преку нови тела и агенции.
„Формиравме Национален совет за иновации, претприемништво и технолошки развој, кој е одговорен за координација на националните активности и иницијативи, а основавме и посебна Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво, која ќе го олесни пристапот до средства и услуги за компаниите, истражувачите и иноваторите“, рече Јаневска.
Во однос на инфраструктурата, таа информираше дека во земјата функционираат седум центри за трансфер на технологии, пет технолошки инкубатори и еден приватен научно-технолошки парк, а во фаза на формирање се виртуелен научно-технолошки парк и првиот државен технолошки парк.
Воедно, проектот ВЕЗИЛКА ја претставува првата национална контактна точка во европската мрежа на фабрики за вештачка интелигенција.
Јаневска го истакна спречувањето на заминувањето на младите како еден од главните приоритети на Владата.
„Тековен главен фокус е намалување на одливот на мозоци и создавање услови за задржување на младите истражувачи во земјата каде се очекува да го реализираат својот личен потенцијал“, рече министерката, додавајќи дека земјите од регионот имаат слични предизвици и можности.
„Имаме национални стратегии за паметна специјализација и заедно со Планот за раст и реформска агенда сметам дека се најважните документи чие исполнување дополнително во голема мера ќе ја стимулира науката и истражувачката дејност на регионот, но и ќе ја зголеми продуктивноста и економскиот раст на сите земји од Западен Балкан“, додаде Јаневска.
Покрај дебатите со ресорните министри од Западен Балкан за поддршка на иновациите, во текот на денот е предвидена и билатерална средба на Јаневска со европската комесарка за стартапи, истражување и иновации, Екатерина Захариева.
























