Мерц: Израелските воени акции во Газа се „неприфатливи“
За време на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Барт де Вевер во Берлин, Мерц рече дека се загрижени поради одлуката на израелската Влада да ја прошири воената офанзива во Газа и дека се плашат од повеќе цивилни жртви
Германскиот канцелар Фридрих Мерц ги нарече најновите напади на израелската војска во Газа „неприфатливи“, остро критикувајќи ја неселективната употреба на сила и растечкиот број цивилни жртви, јавува Анадолу.
За време на заедничката прес-конференција со белгискиот премиер Барт де Вевер во Берлин, Мерц рече дека се загрижени поради одлуката на израелската Влада да ја прошири воената офанзива во Газа и дека се плашат од повеќе цивилни жртви.
„Она што го прави таму израелската Влада и она што го прави израелската Армија во спроведувањето на волјата на израелската Влада е неприфатливо. А вчерашниот настан фрла тешка сенка врз инаку целосно оправданите дејствија против Хамас“, рече Мерц.
„Овие жртви меѓу цивилното население, меѓу незаинтересираните трети страни, во овој случај болничкиот персонал, пациентите и новинарите, се последици од оваа масовна воена акција“, рече тој, повторувајќи го противењето на Берлин на проширената воена операција на Израел за окупирање на градот Газа.