Шпанија е првиот финалист на Светското првенство, откако европскиот шампион во полуфиналето ја совлада Франција со 2:0 на стадионот на Далас Каубојс во Далас.
Избраниците на Луис де ла Фуенте одиграа исклучително зрел и дисциплиниран натпревар и заслужено обезбедија место во битката за трофејот.
За пласманот во големото финале се погрижија Микел Ојарзабал и Педро Поро, кои ги постигнаа головите за „црвената фурија“.
Шпанија сега го очекува победникот од второто полуфинале меѓу Англија и Аргентина, додека Франција ќе мора да се задоволи со натпреварот за третото место.
Шпанците уште од почетокот ја наметнаа својата игра и со одлична организација успеаја целосно да ги ограничат најопасните француски офанзивци- Килијан Мбапе, Осман Дембеле и Мајкл Олисе.
Клучниот момент на натпреварот се случи во 22. минута. Лукас Дињ несмасно интервенираше над Ламин Јамал во шеснаесетникот, по што беше досуден пенал за Шпанија. Микел Ојарзабал ја презеде одговорноста и ладнокрвно реализираше за водство на европскиот шампион.
Во второто полувреме Франција се обиде да го преземе ризикот и поофанзивно да тргне кон голот на Унаи Симон, но наместо израмнување, следеше нов удар од Шпанија.
Во 58. минута Педро Поро излезе сам пред голманот Мајк Мењан и искусно го совлада за 2:0, со што практично ги реши дилемите околу патникот во финалето. Следуваше и уште еден гол, на Јамал за 0:3, но поради офсајд тој беше поништен.
Франција до крајот не успеа да најде начин да ја пробие шпанската одбрана, па „црвената фурија“ продолжува кон последниот натпревар на Мундијалот, каде што ќе се бори за светската круна.























