По вчерашниот спектакл во Париз и епскиот дуел ПСЖ-Баерн (5:4), вечерва е на програмата првиот натпревар од второто полуфинале на Лигата на шампионите помеѓу Атлетико Мадрид и Арсенал на „Метрополитен“.
Во таборот на Атлетико, целиот фокус е префрлен на Лигата на шампионите. Екипата на Диего Симеоне е зацементирана на четвртото место во шпанското првенство, па вечерва ќе ги пречека „топџиите“ во полна сила.
Од друга страна, гостите од Лондон се во незавидна положба бидејќи по поразот од Манчестер Сити во Премиер лигата, Арсенал ја загуби предноста во трката за титулата, па сега е прв со три бода предност, но „Граѓаните“ имаат натпревар помалку.
Вечерва ќе видиме дали овој притисок ќе влијае на нивниот настап на овој натпревар или дали екипата на Микел Артета ќе ја надмине оваа пречка на патот кон тоа да стане европски шампион.
„Неверојатно е што повторно сме во полуфиналето, по четврти пат за 14 години. Играме против одличен тим, но ќе победиме. Не е притисок, туку одговорност. Освојувањето на Лигата на шампионите е огромна цел, нешто што клубот никогаш не го постигнал. Тоа е фудбалска игра и на крајот играчите се тие што одлучуваат вакви натпревари“, рече Симеоне пред натпреварот.
Менаџерот на Арсенал не може да смета на повредените Јуриен Тимбер, Каи Хаверц и Микел Мерино, додека Атлетико ги нема Хозе Марија Хименез, Николас Гонзалес и Пабло Бариос, а под знак прашалник за натпреварот е и Адемола Лукман.
„Голема привилегија е повторно да бидам тука, две години по ред во полуфиналето на Лигата на шампионите, каква можност, ќе ја зграпчиме со двете раце. Во Европа покажавме на секој терен за што сме способни. Мора да играме со таа самодоверба и таа желба. Мислам дека Симеоне целосно го трансформираше клубот преку својата работа за 15 години и начинот на кој го направи тоа е посебен. Секогаш сум се восхитувал на такви луѓе. Тој е многу поврзан со клубот, тој е вистински модел за углед“, рече Артета во најавата за натпреварот.
Потенцијални состави:
Атлетико Мадрид: Облак; Ругери, Ле Норманд, Пубил, Љоренте; Баена, Кардосо, Коке, Симеоне; Алварез, Сорлот
Арсенал: Раја; Хинкапи, Габриел, Салиба, Бен Вајт; Рајс, Зубименди, Одегард; Езе, Гјокерес, Мадуеке






