Грција: Најмалку 14 мртви во судир меѓу брод на крајбрежната стража и брод со мигранти
Патролен брод на крајбрежната стража забележал брод со приближно 35 мигранти, а по предупредувачки сигнал, шверцерите се упатиле кон бродот на крајбрежната стража и предизвикале судир, соопшти Пристанишната управа на Хиос
Најмалку 14 лица, 12 мажи и две жени, загинале, а најмалку 25 се повредени во судир меѓу брод на грчката крајбрежна стража и брод со мигранти во Егејското Море во близина на островот Хиос, соопшти Пристанишната управа на Хиос.
„Патролен брод на крајбрежната стража забележал брод со приближно 35 мигранти. По предупредувачки сигнал, шверцерите се упатиле кон бродот на крајбрежната стража и предизвикале судир“, се наведува во соопштението, како што објави грчкиот портал Прото Тема.
Досега, грчките спасувачки служби превезле 25 повредени мигранти во Општата болница на Хиос, меѓу кои една бремена жена и двајца припадници на крајбрежната стража, еден маж и една жена.
Седум мажи, седум жени и 11 деца се меѓу повредените, а четири лица се во тешка состојба.
Властите издадоа наредба за започнување потрага по исчезнатите на море, а операциите за пребарување и спасување се во тек.
Во областа каде што се случил инцидентот има пет брода на крајбрежната стража, еден приватен брод со нуркачи и еден хеликоптер на грчките воздухопловни сили.