Путин ја потврди поддршката на Русија за Венецуела
Во телефонскиот разговор со неговиот венецуелски колега Мадуро, Путин изразил солидарност со венецуелскиот народ и изразил поддршка за владините политики за заштита на националните интереси и суверенитет во услови на зголемени надворешни притисоци
Рускиот претседател Владимир Путин ја потврди денеска поддршката за Каракас во телефонскиот разговор со својот венецуелски колега, Николас Мадуро.
Во соопштението на Кремљ се вели дека Путин и Мадуро размениле мислења за прашања поврзани со понатамошниот развој на односите во согласност со договорот за стратешко партнерство и соработка што стапи на сила во ноември.
„Владимир Путин изрази солидарност со венецуелскиот народ и ја потврди поддршката за политиките на владата на Мадуро насочени кон заштита на националните интереси и суверенитет во услови на зголемени надворешни притисоци“, се вели во соопштението.
Според соопштението, беше потврдена заедничката посветеност за доследно спроведување на заеднички проекти во трговско-економската, енергетската, финансиската, културно-хуманитарната и други сфери.