Зеленски: Русија ги попречува мировните преговори
Зборувајќи на заедничка прес-конференција во Киев по разговорите со чешкиот претседател Петр Павел, Зеленски рече дека верува оти Украина има иницијатива во преговорите и дека тие соработувале „многу добро“ со американската страна.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ја обвини Русија дека ги попречува мировните преговори меѓу Москва и Киев, посредувани од САД, со цел да се најде решение за речиси четиригодишната војна.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција во Киев по разговорите со чешкиот претседател Петр Павел, Зеленски рече дека верува оти Украина има иницијатива во преговорите и дека тие соработувале „многу добро“ со американската страна.
„Сепак, во некои прашања не сме на иста страна. Тоа е јасно“, изјави Зеленски. Ултиматумот, според мене, е нефункционален модел во демократските односи меѓу земјите”, рече Зеленски цитиран од државната новинска агенција Укринформ.
Тој понатаму посочи дека Украина е заинтересирана за завршување на војната, која ќе влезе во својата петта година следниот месец, исто како САД, но дека Русија „ги одложува сите процеси, почнувајќи од хуманитарниот пат“.
Зеленски истакна дека на крајот од минатата година имало договори за размена на 1.000 затвореници од секоја страна, но дека овој предлог, како и другите последователни предлози, биле одложени од руската страна.
Москва сè уште не ги коментирала забелешките на Зеленски.
За време на прес-конференцијата, Зеленски, исто така, рече дека преговарачкиот тим на Украина „активно“ работи со претставниците на Трамп и дека делегација моментално се упатува кон САД на понатамошни состаноци.
„Се надеваме дека ќе има поголема јасност и во врска со документите што всушност ги подготвивме со американската страна, и во врска со одговорот на Русија на целата дипломатска работа што се одвиваше и се одвива“, рече Зеленски.
Тој понатаму рече дека земјите треба активно да соработуваат во рамките на иницијативата на НАТО за приоритетна листа на барања за Украина за понатамошна поддршка на Киев, тврдејќи дека „таквата практична соработка може да даде навистина важни резултати“.
Тој, исто така коментираше за прашањето за можноста за потпишување економски договор за повоено закрепнување на Украина за време на претстојниот Светски економски форум (СЕФ) во Давос, велејќи дека делегацијата на неговата земја се упатува кон САД за да ги финализира материјалите поврзани со пакетот и документот за безбедносни гаранции.
„Ако сè биде финализирано, ако има прифаќање од американската страна, ... тогаш потпишувањето ќе биде можно за време на Давос“, додаде тој. Претстојното издание на СЕФ ќе се одржи од 19 до 23 јануари.
Павел пак рече дека Украина веќе се согласила на компромисен мировен план и е подготвена за „голем број болни отстапки“ под услов тоа да доведе до мировен договор.