„Тошиба“ во преговори со „Мицубиши Електрик“ и „РоХМ“ за интеграција во бизнисот со чипови
Предложеното здружување има за цел да ја зголеми конкурентноста на глобалниот пазар на полупроводници за електрична енергија
Јапонската „Тошиба“ денес соопшти дека е во преговори со „Мицубиши Електрик“ и „РоХМ“ за комбинирање на делови од нивните операции со полупроводници, во потег насочен кон зајакнување на конкурентноста на глобалниот пазар на чипови за електрична енергија.
Компаниите потпишаа меморандум за разбирање за да истражат интегрирање на подружницата на „Тошиба“ „Електроник дивајс енд Сторинг Корпорејшн“ (TDSC), бизнисот со полупроводници на „РоХМ“ и единицата за енергетски уреди на „Мицубиши Електрик“, според соопштението.
Разговорите доаѓаат во време кога јапонските производители на чипови се соочуваат со засилена конкуренција од странство, особено на брзорастечкиот пазар за полупроводници за електрична енергија што се користат во електрични возила, обновлива енергија и индустриски системи.
Предложената интеграција би создала втора најголема алијанса за полупроводници за електрична енергија во светот, според јапонската новинска агенција „Џиџи Прес“.
„Тошиба“ е голем јапонски индустриски конгломерат, „РоХМ“ е производител на чипови со седиште во Кјото, специјализиран за полупроводници за електрична енергија, а „Мицубиши Електрик“ е водечки производител на индустриска и електронска опрема.
„Тошиба“ изјави дека потенцијалната интеграција, со приклучувањето на „Мицубиши Електрик“ кон рамката, би можела да создаде бизнис со обем и технолошки можности потребни за глобално натпреварување.
Компанијата додаде дека комбинираниот ентитет би можел да опслужи поширока база на клиенти во повеќе индустрии, а воедно да го зајакне полупроводничкиот сектор во Јапонија.
TDSC и ROHM веќе истражуваа соработка во енергетските уреди. Во 2023 година, тие доставија план за инвестиции и производство до јапонската влада, кој беше одобрен во рамките на програмата насочена кон обезбедување стабилно домашно снабдување со полупроводници.
„Тошиба“ изјави дека договорот го означува почетокот на дискусиите и дека сè уште не се донесени одлуки за структурата или условите на потенцијалниот договор.