Група американски сенатори од редовите на Демократската партија денес поднесоа резолуција со која бараат американскиот претседател Доналд Трамп да биде спречен да ја користи војската против Куба, објавија американските медиуми.
Резолуцијата на демократските сенатори е поднесена во време кога администрацијата на Трамп го зголемува притисокот врз кубанската влада со обвинение против поранешниот претседател Раул Кастро, објавува Ројтерс.
Демократите Тим Кејн од Вирџинија, Адам Шиф од Калифорнија и Рубен Галего од Аризона поднесоа Резолуција за воени овластувања за да ја блокираат употребата на американските вооружени сили против Куба.
Во своето објаснување, сенаторите потсетија на повторените закани на Трамп за испраќање американски трупи во Куба со цел промена на владата во таа островска земја.
Дополнително, тие цитираа извештаи дека на Јужната команда на американската војска ѝ е наредено да подготви планови за напад, иако Куба не претставува значителна закана за националната безбедност на САД.
„Американската војска е најдобра во светот, но нашите војници не треба да бидат изложени на опасност ако нема јасна корист за Соединетите Американски Држави“, рече сенаторот Кејн, еден од иницијаторите на конгресната иницијатива за спроведување на уставната одредба според која законодавното тело, а не претседателот, има овластување да објави војна.
Иако членовите на Конгресот, вклучително и некои републиканци, се загрижени за одлуките на Трамп за распоредување на американските сили низ целиот свет, не е јасно како резолуцијата за воените овластувања за Куба би поминала во Сенатот, каде што републиканците на Трамп имаат мнозинство од 53-47.
Минатиот месец, Сенатот гласаше по партиска линија, 51 наспроти 47, за блокирање на слична резолуција за воените овластувања за Иран.










