Претседателот на Владата Христијан Мицкоски во поткастот „Каде се парите?“ изјави дека се преговара за инвестирање на 5 до 6 милијарди евра за капитални проекти во локални, регионални и експресни патишта, инвестициски бран во здравството за изградба на клинички центри и болници, како и пруги и ски центри.
„Во периодот кој што следи убеден сум дека успешно ќе испреговараме и ќе заокружиме инвестициски план помеѓу 5 и 6 милијарда евра кои што ќе се случат во Македонија. И откако ова ќе го заокружиме позитивно сакам да седнам со Стопанските комори и отворено да поразговараме дали ние имаме капацитет да сето ова го реализираме. Јас сум убеден дека имаме, но ни треба добра организација“, рече премиерот.
Тој нагласи дека во следните не повеќе 2 месеца ќе биде сето ова во јавноста објавено и точно ќе се знае од каде и што.
„Ако нашиот БДП е условно кажано некои 16, 16, 5 милијарди проектиран номинален, ова претставува би рекол од 35 до 40 проценти од нашиот БДП. Помеѓу половина милијарда и една милијарда се средства кои што ќе финансираат проекти за изградба на локални, регионални и експресни патишта. Дел од нив ќе бидат модернизирани односно реконструирани, дел ќе бидат изградени“, додаде тој.
Вториот проект е конечна изградба на Клиничкиот центар Штип и болницата во Кичево, проект од 90-те, реконструкција на Клиничката болница Тетово, операционите сали и два други оддели и брза пруга која што ќе биде дел од коридорот 10.
„Сакавме возовите патнички да бидат над 200 километри на час, но одлучивме поради цената да се движат по 160 споредбено со сегашните 30, 40, а карго 110. И овој бран ќе биде 2,3 и 2,5 милијарди евра инвестиција. Значи половина милијарда до милијарда локални, регионални и експресни патни правци, инвестиции во здравство Клинички центар во Штип, болница во Кичево и реконструкција на тетовска болница, брза пруга коридор 10 Табановце-Гевгелија. Ова е проект кој ќе натфрли помеѓу 3 до 3,5 милијарди евра“, посочи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека по основ на овие проекти ќе се зголеми БДП, а ќе се намали јавниот долг.
„По основ на овие проекти јавниот долг нема да оди нагоре, а БДП надоле. Напротив обратен процес ќе предизвика бидејќи ова се капитални инвестиции кои ќе ја покренат градежната оператива и ќе три до четири пати ќе ги завртат парите. Тука по основ на овие проекти БДП ќе оди нагоре, а јавниот долг ќе оди надоле“, нагласи тој.
Според премиерот, врвната бизнис заедница и компании од Обединетите Арапски Емирати во мај или во јуни треба да дојдат во земјава.
„Проектите за кои што разговараме за време на посетата на ОАЕ се проекти на постоечки локации веќе изградени во Охрид, односно откуп од сопствениците, две нови локации, но поради ограничувањето од УНЕСКО, не можат да го видат својот полн капацитет, мораме да внимаваме на тоа. Попова Шапка ски центарот, локацијата кај касарната за лендмаркс објект кој што ќе биде не само лендмаркс само за Скопје, туку би рекол регионот, Чебрен и Галиште, но и друг тип на објекти како што се нови соларни и ветерни централи се проекти за кој што веќе има повратен интерес од нашата посета. Веќе се разменуваат податоци со институциите. Очекувам од овој инвестициски бран помеѓу 2 и 3 милијарди евра за Македонија“, дециден е Мицкоски.






















