Даниловски за хантавирусот: Во моментот нема индикации за сценарио слично на ковид-пандемијата
РЕГИОН
4 мин читање
Даниловски за хантавирусот: Во моментот нема индикации за сценарио слично на ковид-пандемијата„Јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв. Особено загрижува фактот што во таквата атмосфера понекогаш активно учествуваат и здравствени професионалци.“
Даниловски за хантавирусот: Во моментот нема индикации за сценарио слично на ковид-пандемијата / AA

Хантавирусите не се нов феномен што вчера се појавил во лабораторија. Тие се одамна познати во медицината. Претставуваат група вируси поврзани со глодари, кои се нивен природен резервоар. Луѓето најчесто се инфицираат преку контакт со аеросоли и честички прашина контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодари. Ова го истакна епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски за ТРТ Балкан, прашан да го појасни хантавирусот како своевиден феномен, кој според д-р Даниловски „стана новата суровина за глобалната индустрија на страв.“

Во изминатите денови д-р Даниловски на социјалните мрежи објави статус во кој се осврна на хантавирусот, притоа отворајќи го прашањето „дали навистина хантавирусот ни е најголемиот јавноздравствен проблем?“

Во тој контекст, д-р Даниловски истакнува дека по пандемијата од Ковид-19, општеството станало психолошки пресензитивно на теми поврзани со инфективни болести.

„Јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв. Особено загрижува фактот што во таквата атмосфера понекогаш активно учествуваат и здравствени професионалци, чиишто јавно изговорен збор носи огромна тежина, зашто, покрај името им стои титула доктор.По ковид-пандемијата, општеството остана психолошки преосетливо на теми поврзани со инфективни болести“, истакнува Даниловски.

Според него, доволен беше еден изолиран настан на крузер во Јужниот Атлантик за интернет-просторот повторно да експлодира со апокалиптични сценарија, „предвидувања“, мистериозни објави од минатото, сомнежи за глобални агенди и рециклирани теории за контрола на човештвото.

„Речиси по автоматизам, повторно почнаа да циркулираат истите зборови: пандемија, контрола, депопулација, mRNA, „1984“... Како да постои готов шаблон што се активира секогаш кога во медиумите ќе се појави името на некој вирус. Во меѓувреме, јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв“, вели д-р Даниловски.

Продолжува дека се доволни само неколку драматични формулации, неколку недоискажани инсинуации и една фотографија со лабораториски амбиент, за кај дел од населението повторно да се активира чувството дека „нешто се подготвува“.

Во таков контекст, смета тој, јавната комуникација на медицинската фела повеќе „не е приватна работа“, додавајќи дека социјалните мрежи (веќе) се масовен медиум, а алгоритмите наградуваат страв.

Хантавирусите не се нов феномен

Хантавирусите, истакнува Даниловски, не се нов феномен што вчера се појавил во лабораторија, појаснувајќи дека тие се одамна познати во медицината.

„Претставуваат група вируси поврзани со глодари, кои се нивен природен резервоар. Луѓето најчесто се инфицираат преку контакт со аеросоли и честички прашина контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодари. Дел од нив се присутни на европскиот континент, Азија и Африка (подгрупа на Хантавируси на Стариот свет - Old World Hantaviruses). Ендемско подрачје е Балканот. Друг дел од нив (подгрупа на Хантавируси на Новиот свет - New World Hantaviruses) „владее“ со обете Америки. Ендемско подрачје се Аргентина и Чиле. Иако двете подгрупи се сродни, тие се разликуваат по тоа што предизвикуваат различни видови болести кај хуманите домаќини“, додава Даниловски.

Моментално нема индикации за сценарио што би наликувално на ковид-пандемијата

Тој објаснува дека вирусите во подгрупата на Новиот свет предизвикуваат болест позната како „хантавирусен пулмонален синдром“ со десетици заболени секоја година и смртност од 20-40%.

Вирусите во подгрупата на Стариот свет предизвикуваат болест позната како „хеморагична треска со бубрежен синдром“, со стотици заболени секоја година и со смртност од 1-15%. Балканот има сопствено искуство со хеморагичната треска со бубрежен синдром. Во подгрупата на Новиот свет постои типот Andes вирус, (причинител на епидемијата на крузерот „Хондиус“). Само кај овој тип е опишан и пренос од човек на човек! Многу важно! Тој вирус не циркулира кај нас. Ниту постои ризик да „скокне“ од некој од заразените на крузерот. Поради тоа, во моментот не постојат индикации за сценарио што би наликувало на ковид-пандемијата.

Истовремено, додава д-р Даниловски, постојат реални причини за внимателност.

„Темата за хантавирусите отвора едно многу приземно и локално прашање: каква е состојбата со урбаната хигиена, дератизацијата и контролата на глодарите во македонските градови? Во изминатиот период, Скопје и други средини се соочуваа со сериозни проблеми со отпадот. Контејнери преполни со денови. Купишта смет покрај улици. Расфрлан органски отпад. Диви депонии. „Мијазма“ на 21 век! Таквите услови неизбежно создаваат средина погодна за експанзија на популацијата на стаорци и глувци. Кои претставуваат потенцијален резервоар за повеќе инфективни заболувања, вклучително и хантавирусните инфекции“, потенцира Даниловски.

„Не ни треба нова паника“

Токму затоа, советува, прагот на летото е момент кога институциите треба сериозно да пристапат кон дератизација, дезинфекција, санитарен надзор, урбана хигиена, контрола на дивите депонии.

Проф. д-р Даниловски, вели дека ова се препорачува токму поради „елементарна епидемиолошка логика.“

„Крајно време е да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв.На јавноста денес ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција. Не ни треба нова паника“, порачува д-р Даниловски.

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
Дејвид Гета во Скопје на 8 септември за 35 денари
Американски дипломати официјално потврдија дека Израел распоредил Железна купола во ОАЕ
СЗО: Од октомври 2023 година 43.000 Палестинци во Газа се здобиле со повреди со трајни последици
Муцунски од Братислава: Потребна е засилена динамика на проширувањето на ЕУ
ТИКА обезбеди поддршка за жените земјоделци во Северна Македонија
Фидан: Ормускиот Теснец да не се користи како оружје
Тајланд потврди нов сој на коронавирус кај лилјаци
Нетанјаху се појави на суд по 86-ти пат во судењето за корупција
Зеленски: Русија лансира 200 дронови и го прекина делумното примирје
Австралија: Нашите патници од крузерот со хантавирус се во добра состојба
Шест луѓе убиени во израелски воздушен напад врз Либан
Трамп фрустриран од разговорите со Иран размислува за нови напади
Четвртина Американци веруваат дека третиот обид за атентат врз Трамп е исцениран
Австралија воведе серија санкции за ирански поединци и субјекти
Есра Албајрак: Светот има потреба од нови глобални центри на мудрост надвор од Западот