Росатом ѝ нуди на Србија изградба на нуклеарна централа

Можеме да изградиме електрана која е 99 до 100 проценти руски производ, можеме да ја реализираме во формат на меѓународен конзорциум, со максимално учество на добавувачи, изјави шефот на Росатом Алексеј Лихачов

By
Србија во моментов нема свои нуклеарни централи, а законската забрана за нивна изградба, воведена во 1989 година по катастрофата во Чернобил / Reuters

Москва е подготвена да ѝ понуди на Србија проект за нуклеарна централа, изјави во понеделник шефот на рускиот енергетски гигант Росатом по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Можеме да изградиме електрана која е 99 до 100 проценти руски производ, можеме да ја реализираме во формат на меѓународен конзорциум, со максимално учество на добавувачи“, изјави Алексеј Лихачов за новинарите по средбата во Белград со Вучиќ.

Србија во моментов нема свои нуклеарни централи, а законската забрана за нивна изградба, воведена во 1989 година по катастрофата во Чернобил, е на сила, пишува Ројтерс.

Србија во моментов ги задоволува 70 проценти од своите потреби за електрична енергија од електрани на јаглен, кои се големи загадувачи, и е целосно зависна од Русија за снабдување со гас.

Вучиќ напиша на својот официјален профил на Инстаграм дека разговарал со директорот на Росатом за употребата на нуклеарна енергија во областа на фармацијата, здравството и производството на енергија.

„Исто така, ја разгледавме можноста за учество на српски компании и нивна обука за користење на нуклеарна енергија на територијата на трети земји“, додаде претседателот на Србија.

Во септември минатата година, српските медиуми објавија дека Вучиќ, за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг, повикал на учество на руски компании во инфраструктурни проекти во Србија.