УХМР: И понатаму високи водостои на Вардар и Треска, ЦУК со интервенции во повеќе региони
И понатаму се регистрираат исклучително високи водостои на реката Вардар во горниот тек, како и на реката Треска, каде што постои опасност од излевање, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР)
И понатаму се регистрираат исклучително високи водостои на реката Вардар во горниот тек, како и на реката Треска, каде што постои опасност од излевање, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) во најновата хидролошка информација. Во текот на вечерта и ноќта ќе се задржи високиот водостој, а се очекува и зголемување на нивото на Вардар во средниот дел од течението.
На останатите реки во западниот дел од земјата, каде претходно беше забележано зголемување, водостоите постепено опаѓаат. Сепак, поради големите количества вода и засилената брзина на течење, реката Треска може да претставува опасност кај времените мостови. Во источниот дел од државата состојбата е главно стабилна, со посериозно зголемување единствено во долниот дел од сливот на реката Струмица, како резултат на обилните врнежи.
Во меѓувреме, Центарот за управување со кризи (ЦУК) во вонреден пресек до 17:00 часот информира дека службите интервенираат во повеќе региони каде има излевање на реки, поплавени домови, свлечишта и затрупани одводни канали.
Во Скопскиот Регион, во Општина Сарај, поплави се регистрирани во Буковиќ и Семениште, при што интервенираат општински екипи, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ и Дирекцијата за заштита и спасување. Во Кумановскиот Регион, во Општина Липково, реката Слупчанка излегла од коритото во селото Опае, при што се зафатени делови од селото и земјоделско земјиште, а излевање е регистрирано и кај Оризаре.
Во Тетово се пријавени проблеми со одводни канали и свлечиште на патот кон Џепчиште, со прекин на сообраќајот, додека патот кон Попова Шапка е прооден, но отежнат и со забрана за тешки товарни возила и автобуси. Најсериозна е состојбата во Гостивар и околните општини, каде се евидентирани поплавени куќи, подруми и стопански објекти, како и затрупани канали. Во Беловиште се интервенирало за заглавени лица во поплавен објект, кои се безбедно извлечени, а во Форино е пријавено излевање на Вардар со ризик за куќите во близина на мостот кон Тумчевиште.
Во Кичево, по излевање на Зајашка река, пријавени се поплавени куќи и дворови на повеќе улици, како и дополнителни околу 30 семејни куќи по пладне, при што е извршена евакуација на стари и изнемоштени лица и деца. Во Охрид состојбата е оценета како стабилна.
Од УХМР и ЦУК апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните информации, особено при движење покрај реки и суводолници.