Претседателот на Република Туркије, Реџеп Таип Ердоган по повод 15 јули, Денот на демократијата и националното единство, и десетгодишнината од неуспешниот обид за државен удар напиша статија, која ја пренсеуваме во целост:
„Еден од најсуровите обиди за државен удар во политичката историја на Република Туркије се случи точно пред десет години, на 15 јули 2016 година. Целта на обидот за државен удар, кој го спроведе терористичка мрежа која подмолно се инфилтрира во институциите на нашата земја, беше да ја вовлече Туркије во продолжен период на хаос и да ја стави иднината на нашиот народ под своја контрола.
Нашиот благороден народ, кој решително ја бранеше својата независност и својата иднина, му покажа на целиот свет со својот херојски отпор дека волјата на народот не може да се зароби на овие простори. Разумноста, храброста и мудроста што турскиот народ ги покажа во ноќта на 15 јули несомнено претставуваат невиден настан во историјата на светската демократија.
Овој предавнички обид, извршен од терористичката организација Фетулах (ФЕТО), не беше само конвенционален обид за државен удар, туку сеопфатен обид за окупација што претставуваше сериозна закана за независноста на нашата земја.
Првите цели на пучистите беа Претседателскиот комплекс и Големото национално собрание на Република Туркије, институции кои ја симболизираат националната волја и независноста на нашата земја. Во мојот говор во ноќта на 15 јули, нагласив дека никогаш не сум препознал сила поголема од моќта на народот.
Додека ги кажував тие зборови, бев убеден дека турскиот народ ќе се залага за својата волја. Всушност, истата таа ноќ, нашиот народ, исполнет со длабока вера и самодоверба, масовно излезе на улиците и одби да се покори на терористичката организација. Подготвени да ги положат сопствените животи за да ја заштитат независноста на својата татковина, демократските достигнувања и слободната волја, нашиот народ го одби нападот на пучистите и напиша еп на национална волја што гордо ќе се пренесува од генерација на генерација.
Инспирирани од храброста на нашиот народ, ние исто така презедовме чекори без одлагање за што е можно поскоро да ги отстраниме негативните последици од овој предавнички обид.
Итно спроведевме структурни реформи што им оневозможија на сите структури, користејќи неполитички механизми во рамките на државните институции, да го загрозат демократското функционирање на државата.
После тоа, постигнавме значајни успеси во операциите што ги спроведовме во и надвор од земјата, во согласност со стратегијата за елиминирање на другите терористички организации против кои се бориме.
Конечно, го започнавме процесот „Туркије без тероризам“, што претставува ново поглавје во нашата приказна за единство и заедништво. Овој процес, еден од основните столбови на нашата визија „Век на Туркије“, благодарение на инклузивниот и сеопфатен пристап, напорите на надлежните безбедносни институции и поддршката на политичките актери, фала му на Бога, постојано напредува кон својата цел. Верувам дека успехот на процесот „Туркије без тероризам“ ќе придонесе за мирот и стабилноста не само на нашата земја, туку и на целиот регион.
Како резултат на нашата борба против оние што се обидоа да изведат државен удар насочен и против економскиот просперитет и развој на нашата земја, направивме силен чекор кон попросперитетна иднина преку проектите што ги имплементиравме во областите на енергетиката, транспортот, здравството, земјоделството, технологијата и одбранбената индустрија.
Со Националната технолошка иницијатива, започната во последните десет години, направивме силен чекор напред во одбранбената, воздухопловната и вселенската индустрија.
Развивме електрични и паметни транспортни системи и се стремиме да бидеме достојни за жртвите на нашиот народ со значителни инвестиции во здравството и земјоделството. Во овој период, развивме и производи кои добија меѓународно признание. Меѓу нив, особено се издвојуваат нашиот електричен автомобил TOГГ, нашиот национален борбен авион KAAН, нашите национални корвети и беспилотни летала.
Од друга страна, во текот на изминатите десет години, Туркије, благодарение на својот проактивен пристап кон надворешната политика, се појави како влијателен актер во решавањето на регионалните и глобалните кризи и конфликти. Во сите кризни области, бевме на страната на угнетените и оние кои се во право, а не на страната на посилните, и не се срамевме да ја преземеме одговорноста за воспоставување мир и стабилност.
Каде и да имаше угнетување или неправда, ние бевме гласот на меѓународното право, правдата и совеста. Ако денес Туркије се опишува како земја чиј придонес се бара, чиј збор се верува и чие мислење се почитува во регионалните и глобалните прашања, зад тој успех стои волјата на нашиот благороден народ кој, во ноќта на 15 јули, беше подготвен да ги положи своите животи за својата независност и својата иднина.
Борбата против тероризмот, која бара меѓународна соработка, останува меѓу најважните приоритети на нашата надворешна политика. Познато е дека процесот на распаѓање на организациската структура на ФЕТО во странство се забрза во последните две години. Во исто време, свесни сме дека одредени земји продолжуваат да ја поддржуваат оваа организација и да ги засолнуваат нејзините членови, дури и прикриено.
Во оваа прилика, би сакал да нагласам дека е потребно да се остане претпазлив кон ФЕТО, организација која, за да ги постигне своите цели ги смета сите средства за дозволени, е способна да земе каква било форма и не се двоуми да злоупотреби концепти како што се демократија, слобода и човекови права.
Како нација која изгуби 253 свои граѓани во ноќта на 15 јули, кои беа убиени како маченици од страна на заговорниците на пучот, нашето фундаментално очекување од меѓународната заедница е да ја поддржи праведната борба на Република Туркије. Глобалниот мир, безбедноста и просперитетот можат да се постигнат само преку решителна и бескомпромисна борба против сите терористички организации, без никаква дискриминација и преку искрена меѓународна соработка.
Реџеп Таип Ердоган
Претседател на Република Туркије






















