Туркије во саботата изјави дека ѝ придава големо значење на стабилноста во Венецуела, како и на мирот и благосостојбата на венецуелскиот народ.
„Со цел да се спречи актуелната состојба да доведе до негативни последици врз регионалната и меѓународната безбедност, ги повикуваме сите страни на воздржаност“, соопшти турското Министерството за надворешни работи по американските напади врз венецуелска територија и наводното апсење на претседателот Николас Мадуро.
Во соопштението се наведува дека Анкара внимателно ги следи најновите случувања во Венецуела и дека Туркије ја изразува својата подготвеност да помогне во решавањето на кризата таму, во рамките на меѓународното право.
„Во овој процес, нашата амбасада во Каракас продолжува со непрекината комуникација и неопходна координација со нашите државјани во земјата“, се наведува во соопштението.
Претходно, венецуелската влада ги обвини САД за напади врз цивилни и воени објекти во повеќе сојузни држави и прогласи национална вонредна состојба.
На платформата на социјалните мрежи Truth Social, американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека САД извршиле „напад од големи размери“, додавајќи дека претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и неговата сопруга биле заробени и со авион депортирани од земјата.
Нападите се случија по повеќемесечни тензии со САД, кои го обвинуваа Мадуро за вмешаност во трговија со дрога.
Мадуро ги негираше тврдењата дека е водач на картел и изрази подготвеност за разговори.


















