Иран го затвори Ормускиот теснец заради воени вежби
Ова е прв пат Иран да објави затворање на овој клучен меѓународен воден пат, низ кој минуваат 20 проценти од светската нафта, откако САД почнаа да му се закануваат на Иран и да испраќаат воена опрема во регионот
Иран денес објави дека привремено го затворил Ормускиот теснец за време на воени вежби со боева муниција, додека во Женева се одржа втората рунда индиректни нуклеарни преговори меѓу Иран и САД.
Ова е прв пат Иран да објави затворање на овој клучен меѓународен воден пат, низ кој минуваат 20 проценти од светската нафта, откако САД почнаа да му се закануваат на Иран и да испраќаат воена опрема во регионот, објавува Асошиејтед Прес.
Овој потег означува понатамошна ескалација на неделите стагнација што би можеле да предизвикаат нова војна на Блискиот Исток, соопшти агенцијата.
По уште една рунда индиректни разговори со САД за нуклеарната програма на Иран што започна во Женева, иранските државни медиуми објавија дека Иран лансирал ракети кон Ормускиот теснец и ќе го затвори теснецот неколку часа од „безбедносни и поморски причини“.
Иранскиот корпус на Револуционерната гарда (ИРГК) започна воена вежба во Ормускиот теснец, Персискиот Залив и Оманскиот Залив, клучни меѓународни бродски патишта.
Ова е втора воена вежба со крстосувачки ракети во последните недели во областа.
Иранскиот лидер ајатолахот Али Хамнеи денес го предупреди Вашингтон за зголеменото американско воено присуство на Блискиот Исток.
„Секако, воениот брод е опасна направа, но поопасно од воен брод е оружјето што може да потопи воен брод во морските длабочини“, рече Хамнеи, според иранската државна телевизија.
Минатата недела, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека носачот на авиони „УСС Џералд Форд“, најголемиот во светот, ќе биде испратен од Карипското Море на Блискиот Исток за да им се придружи на другите воени бродови и воена опрема што САД веќе ги имаат во регионот.
Носачот на авиони „Форд“ ќе им се придружи на разорувачите „УСС Абрахам Линколн“ и неговите придружни разорувачи со водени ракети, кои веќе се во регионот повеќе од две недели.